Клубот од германската фудбалска Бундес-лига 2, Фортуна Диселдорф се подготвува за првиот од своите првични три пробни натпревари за кои ќе има бесплатни билети, бидејќи сака да ги врати гледачите во центарот на искуството на натпреварите со својата кампања „Фортуна за сите“, пишува Бундес-лигата на својата интернет-страница.
Клубот води пилот-програма сезонава пред проектот целосно да се спроведе во наредните години. Постепеното губење на приходите на денот на натпреварите ќе се компензира со поголеми инвестиции од спонзорите, кои исто така ветија пари за развој на младинската академија на клубот, женскиот фудбалски тим и дигиталната инфраструктура, пишува Бундес-лигата. Фортуна потврди дека трите пробни натпревари ќе бидат со Кајзерслаутерн (денеска), Сент Паули (во јануари) и со Ајнтрахт Брауншвајг (во април).
– Со „Фортуна за сите“ ги правиме работите поинаку и пробиваме нови граници. Слушавме многу во претходните недели и ги зедовме предвид критиките и идеите на публиката. Многу сме среќни што сега почнуваме со „Фортуна за сите“ и го правиме следниот чекор со пилот-фазата. За да можеме бесплатно да ги нудиме сите домашни натпревари, потребни ни се повеќе долгорочни партнери. Среќни сме со компаниите што веќе се во одборот и отворени сме за другите што сакаат да ни се придружат на овој извонреден пат – изјави извршниот директор на клубот Александер Јобст, пренесе Бундес-лигата. Н.М.