Машката репрезентација на Русија не ќе може да игра во плејофот за СП 2022 кон крајот на март, женската селекција на ЕП летово, Спартак во Лига Европа

ФУДБАЛ

Светската фудбалска федерација (ФИФА) и Европската фудбалска унија (УЕФА) ги суспендираа руските фудбалски клубови и репрезентации од сите натпреварувања „до натамошно известување“.
Тоа значи дека кон крајот на март, машката репрезентација на Русија не ќе може да ги игра натпреварите од плејофот за пласман на фудбалското Светско првенство (СП) годинава во Катар, женската селекција на Европското првенство (ЕП) летово во Англија, а Спартак Москва во осминафиналето на Лига Европа (ЛЕ). Откажани или одложени се и повеќе спортски настани, како финалето на фудбалската Лига на шампионите, трка во Формула 1, мечеви во кошарка, ракомет…
– Двајцата претседатели се надеваат дека ситуацијата во Украина значително и брзо ќе се подобри, за фудбалот повторно да биде вектор за единство и мир меѓу луѓето – се вели, меѓу другото, во заедничката изјава на Светската фудбалска федерација (ФИФА) и на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Руската машка репрезентација требаше да игра со Полска во полуфиналето од плејофот за пласман на Светското првенство, на 24 март. Руската фудбалска федерација истакна дека „категорички не се согласува“ со одлуката и оти ќе ја оспори „во согласност со меѓународното спортско право“. Спартак ја нарече одлуката „вознемирувачка“, твитајќи: „Сметаме дека спортот, дури и во најтешките времиња, треба да има цел да гради мостови, а не да ги пали“.