Фото: Фејсбук/Официјална страница на ФК Наполи

Македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас со Наполи вечерва стана првак на Италија.

Наполи ремизираше со Удинезе 1-1 на гости, со што на пет кола до крајот на Серија А има недостижнa предност од 16 поени пред второпласираниот Лацио.

Виктор Осимен беше стрелец за Наполи во 53-та минута, откако домаќинот поведе преку Санди Ловриќ во 14-та минута.

Ова е прв шампионски трофеј за Елмас во Серија А, со кој одличниот играч за врска му се приклучи на Горан Пандев како освојувач на „скудетото“ од Македонија. Пандев беше шампион на Италија со Интер во 2010 година.

Елмас придонесе за успехот на Наполи со шест гола и три асистенции на 32 првенствени настапи сезонава.

Наполи е првак на Италија по третпат, по двете скудета во 1987 и 1990 година кога беше предводен од славниот Диего Марадона, чие име денеска го носи стадионот во Неапол.