Ова е натпреварување од моите соништа. Тоа е нешто за што се подготвував физички и психички. Работиме добро, но далеку е целта да победиме во финалето, рече Мбапе по пласманот во четврт-финалето, на меч на кој Жиру стана најефикасниот стрелец на Франција, а тој најмладиот фудбалер со девет гола на светските првенства
ФУДБАЛ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО КАТАР
Оливие Жиру влезе меѓу великаните на репрезентацијата на Франција, откако напаѓачот стана водечки стрелец на Франција (52 гола на 117 натпревари) кога ја доведе својата репрезентација во предност во победата со 3-1 на мечот со Полска, во осминафиналето на Светското првенство (СП) во Катар, по што актуелниот светски првак Франција во четврт-финалето ќе игра со европскиот вицешампион Англија, в сабота. Жиру сега има еден гол повеќе од Тиери Анри.
Избраниците на селекторот Дидие Дешам имаат цел да ја одбранат светската титула, а предводени се од ветеранот, 36-годишниот напаѓач Жиру и од 23-годишната сензација Килијан Мбапе, пишува „Би-би-си“.
– Ова е натпреварување од моите соништа. Тоа е нешто за што се подготвував физички и психички. Работиме добро, но далеку е целта да победиме во финалето – рече Мбапе, кој постигна два гола и асистираше за погодокот на Жиру.
Како што Аргентинецот Лионел Меси ги крева гледачите од нивните места во возбуда, Мбапе го прави истото тоа за Франција, пишува „Би-би-си“. Мбапе е водечки стрелец на СП 2022, со пет гола (има и две асистенции), кои ги додаде на четирите гола што ги постигна во триумфалната кампања на Франција на Светското првенство во 2018 година, со што тој веќе го надмина Аргентинецот Диего Марадона, кој постигна осум, а Португалецот Кристијано Роналдо, исто така, стигна до тој број по групната фаза на СП 2022.
Со 23-годишна возраст, Мбапе е најмладиот фудбалер што постигнал девет гола на светските првенства, соборувајќи го рекордот на Еузебио, кој постигна осум погодока за Португалија на возраст од 24 години и 182 дена.
– Тој знае дека може да го промени натпреварот во еден момент. Игра со голема радост и насмевки. На Франција ѝ требаше одличен Мбапе, вечерва и го доби – изјави Дешам.
Жиру на минатиот Мундијал ги одигра сите натпревари во триумфот во Русија, но не постигна гол, а сега веќе трипати ја затресе мрежата на СП 2022, но свесен е дека неговиот вкупен рекорд можеби нема да трае предолго, со оглед на тоа што Мбапе веќе постигна 33 гола за Франција, пишува „Би-би-си“.
– Жиру отсекогаш бил важен играч. Пред четири години не постигна гол, но го гледаме неговиот квалитет. Тој успеа да остане ментално силен. Тој го собори рекордот на Анри, а Мбапе може да го надмине еден ден. Да се постигнат толку многу голови на меѓународно ниво е големо достигнување – изјави Дешам.