Дидие Дешам ги освои титулите на светските првенства како фудбалер и како селектор, а сега се кандидира да го стори истото тоа на европските шампионати

ФУДБАЛ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА

Долговечноста е редок подарок во фудбалскиот менаџмент, но на Дидие Дешам (55) тоа, секако, му беше овозможено како селектор на Франција. Тој е на чело од 2012 година и за тоа време ја одведе својата земја до три од пет можни финалиња и освои трофеј на едно светско првенство. Тој успех во 2018 година значеше дека тој им се приклучи на неколку фудбалери што освоија светска титула и како селектор и како играч, а ова лето има шанса да испише повеќе историја, пишува „Би-би-си“. Ако со Франција освои титула на Европското првенство во Германија, тој ќе стане само вториот човек што освоил европско првенство и како играч и како тренер, по Германецот Берти Фогтс и првиот што постигнал т.н. „дабл дабл“ (титула како фудбалер и како селектор на светски и на европски првенства).

КАПИТЕН

Кариерата на Дешам и како фудбалер и како селектор е меѓу најдобрите. Нашироко се смета за еден од најдобрите дефанзивни играчи за врска во својата генерација, а поранешниот играч на Марсеј, Јувентус и на Челси освои две титули во француското првенство, три шампионски титули во Серија А и два трофеја во Лигата на шампионите. Неговата негламурозна, но клучна улога беше опишана како „водоносец“ од неговиот поранешен соиграч од Франција, Ерик Кантона, кој посочи дека неговата улога е едноставна – да ја освои топката, а потоа да им ја даде на покреативните соиграчи, пишува „Би-би-си“. Но главно тој зборуваше на теренот. Природен лидер, тој стана најмладиот капитен што ја освоил Лигата на шампионите, со Марсеј во 1993 година, а потоа ја предводеше Франција до успех на Светското првенство пет години подоцна. Поранешниот дефанзивец на Франција, Лилијан Турам, кој беше соиграч на Дешам во таа победа во 1998 година, изјави за „Би-би-си“: „Дешам, капитенот, тој беше тој што водеше. Тој беше вистински лидер на тој тим. Познавајќи го тогаш, можете да видите како стана селектор и го освои Светското првенство, бидејќи тој го имаше тој нагон во себе“.

ТРЕНЕРСКИ ВОДИ – ПРИРОДЕН СЛЕДЕН ЧЕКОР

Кога Дешам се повлече од играњето во 2001 година, преминувањето во тренерски води се чинеше разумен напредок за некој што беше пофален во текот на неговата кариера поради неговите лидерски способности. Тој беше тренер на Монако, Јувентус и на Марсеј пред да стане селектор на Франција во 2012 година. Неговото доаѓање следуваше две години по катастрофалното Светско првенство во 2010 година за Франција под водство на Рајмонд Доменек, пишува „Би-би-си“.
Единството беше нешто што Дешам го истакна пред сѐ друго кога ја презеде одговорноста и набрзо создаде кохезивна екипа, која уште еднаш стана сила на големите турнири. Тие стигнаа до четврт-финалето на Светското првенство во 2014 година, губејќи од евентуалниот победник Германија, и се пласираа во финалето на Европското првенство во 2016-та, на кое беа домаќини, но беа поразени со 1-0 од Португалија. Сепак, нагорниот тренд продолжи, бидејќи Франција триумфира на Светското првенство во Русија во 2018 година.
Клучен момент во тој успех дојде откако ја победија Аргентина со 4-3 во возбудлив натпревар од осминафиналето. Потоа, некои од играчите излегоа и беа бучни при враќањето, разбудувајќи ги оние што спиеја. Филип Турнон, францускиот службеник за печат во тоа време, за документарецот на „Би-би-си“, „Како да се освои Светското првенство“, изјави дека одговорот на Дешам ги истакнал неговите вештини за управување со луѓе.

– Мојата соба беше до собата на Дидие. Дидие имаше збор и со своето чувство за односот со играчите и единството на групата, ми рече „ако излезам тоа може да скрши нешто што го градевме пет или шест недели“ – рече тој.
Дешам, се разбира, не е беспрекорен и откако беа исфрлени од ЕП 2020 во осминафиналето од Швајцарија, беше критикуван дека ги погрешил тактиките и селекцијата на тимот. Тој одговори на критичарите и на сомнежите со тоа што ја одведе Франција до второто последователно финале на Светското првенство во Катар две години подоцна, каде што беше поразена на пенали од Аргентина, по возбудливото реми 3-3.

НОВ ДОГОВОР

За време на тоа Светско првенство, Дешам повторно беше пофален од оние што играа за него.
– Нашиот селектор верува во тоа да бидеме група, да бидеме тим. Ние сме група што добро живее заедно. Тоа го гледам и на тренинзите. Сите даваат 100 проценти и имаме совршена поставеност да нѐ однесе што подалеку – рече напаѓачот Антоан Гризман.
Француската фудбалска федерација се согласи, го награди Дешам со нов договор за да го задржи на чело на Франција до Светското првенство во 2026 година. Франција е меѓу фаворитите за триумф во Германија и за освојување на првото Европско првенство по 24 години. Доколку успее, „водоносецот“ ќе го заслужи правото да се смета за веројатно најголемиот селектор на сите времиња, пишува „Би-би-си“. Н.М.


ТРОФЕИ ВО ДВЕ УЛОГИ НА СВЕТСКИ ПРВЕНСТВА
ИМЕ И ПРЕЗИМЕ КАКО ФУДБАЛЕР КАКО СЕЛЕКТОР

Марио Загало (Бразил) 1958, 1962 1970
Франц Бекенбауер (Германија)1974 1990
Дидие Дешам (Франција) 1998 2018
ТРОФЕИ ВО ДВЕ УЛОГИ НА ЕВРОПСКИ ПРВЕНСТВА
Берти Фогтс (Германија) 1972 1996

ДИДИЕ ДЕШАМ
Успеси како фудбалер
Лига на шампионите титула во 1993 г., со Марсеј
Лига на шампионите титула во 1996 г., со Јувентус
Светско првенство титула во 1998 г., со Франција
Европско првенство титула во 2000 г., со Франција
Успеси како тренер
Лига на шампионите финале во 2004 г. со Монако
Светско првенство титула во 2018 г., финале во 2022 г. со Франција
Европско првенство финале во 2016 г. со Франција
Лига на нации титула во 2021 г. со Франција