Победникот на Лигата на шампионите, Реал Мадрид, заработи најмногу парични награди од УЕФА во минатата сезона, 133,7 милиони евра, а потоа на таа листа се Ливерпул, со вкупно 120 милиони, Баерн, со речиси 110 милиони, и Манчестер сити, со речиси 109 милиони евра, пишува АП. Вкупниот награден фонд на УЕФА во ЛШ е повеќе од две милијарди евра
Победникот на Лигата на шампионите, Реал Мадрид, заработи најмногу парични награди од Европската фудбалска унија (УЕФА) минатата сезона – 133,7 милиони евра, соопшти европското раководно тело, пренесува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Вкупниот износ на Реал Мадрид вклучува основна сума за влез во групната фаза, бонуси за резултатите, дел од правата за емитување во Шпанија и дополнителна исплата врз основа на историските рекорди на клубовите во натпреварувањата на УЕФА, пишува АП.
Ливерпул, кој го загуби финалето од Реал Мадрид, е втор на табелата со парични награди од вкупно 120 милиони евра. Вкупниот награден фонд на УЕФА во Лигата на шампионите е повеќе од две милијарди евра.
Само два други клуба заработија деветцифрена сума, Баерн доби речиси 110 милиони евра и покрај поразот во четврт-финалето, а полуфиналистот Манчестер сити заработи речиси 109 милиони евра, пишува АП.
УЕФА соопшти дека на 32-та клуба од групната фаза им биле исплатени во просек по 61,8 милион евра. Челси, пак, кој беше елиминиран од Реал Мадрид во четврт-финалето, заработи 91,9 милион евра. Барселона минатата сезона заработи 64,6 милиони евра од групната фаза во Лигата на шампионите, а потоа дополнителни 6,4 милиони евра од преминот во Лига Европа, каде што шпанскиот тим загуби во четврт-финалето од подоцнежниот победник Ајнтрахт, кој, пак, доби 38 милиони евра, а поразениот финалист Глазгов ренџерс 20,7 милиони евра.
УЕФА подели вкупно 235 милиони евра на клубовите што играа во првата Конференциска лига на Европа. Победникот Рома со 19,2 милиони евра доби најмногу во таа конкуренција.
Сезоната 2021/2022 беше првата во новиот тригодишен комерцијален циклус за клупските натпреварувања на УЕФА пред обновувањето и проширувањето во 2024 година, кога ќе биде заменета традиционалната групна фаза.
Во Лигата на шампионите за фудбалерки, УЕФА подели награди од околу 24 милиони евра, плус исплати на други клубови од домашните лиги што имаат тимови во натпреварувањето. Европскиот првак Лион доби 1,46 милион евра, а поразениот финалист Барселона заработи 1,26 милион евра, пишува АП. Н.М.