Манчестер сити и Ливерпул забележаа очекувани победи, по што остана разликата од еден бод на врвот на табелата пред дербито и „мечот на сезоната“ в недела

ФУДБАЛ – АНГЛИСКА ПРЕМИЕР-ЛИГА

Брентфорд направи големо изненадување победувајќи го актуелниот европски првак, Челси, на гости со 4-1, во меч од англиската фудбалска Премиер-лига, за прва првенствена победа по 83 години (од 1939 година). Брентфорд сега е 14-ти на табелата со 33 бода, 11 повеќе од Вотфорд, на 18-то место. Данецот Кристијан Ериксен имаше удел во победата на Брентфорд со првиот гол за новиот клуб (прв и во Премиер-лигата од 2019-та) откако му се приклучи во јануари по паузата, поради срцевиот удар што го преживеа на мечот Данска – Финска на Европското првенство лани. Ериксен постигна гол на три натпревари во низа, претходно на двата за Данска за време на репрезентативната пауза.
Водечкиот тандем, Манчестер сити и Ливерпул, забележа очекувани победи, на гости над Барнли (2-0), односно над Вотфорд дома (2-0), по што по 30 кола остана разликата од еден бод на врвот на табелата пред дербито и „мечот на сезоната“ на стадионот „Етихад“ в недела, што може да го реши прашањето околу шампионската титула. Сити и Ливерпул ќе се сретнат и во полуфиналето на ФА-купот на стадионот „Вембли“, на 16 април. Пеп Гвардиола, менаџерот на Сити, вели дека неговиот тим е во „вистинска битка“ со Ливерпул.

– Следниот меч од Премиер-лигата ќе го играме против Ливерпул за кого знаеме дека ги доби речиси сите натпревари во последно време, се надеваме дека нема следниот. Ќе се обидеме да го сториме истото, да победиме. Ќе се бориме. Противникот е многу добар, ќе биде тешко. Тие велат дека се подготвени за битка, но и ние сме – рече Гвардиола, по победата над Барнли.
Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, инсистира дека неговиот тим пред клучниот меч следниот викенд е на позицијата на која сакал да биде. Клоп вели дека не чувствуваат никаков притисок во трката за титулата и оти со нетрпение го очекува потенцијалниот одлучувачки дуел за трофејот.
– Навистина ја ценам ситуацијата во која се наоѓаме. Не сме фаворити во ниту едно од натпреварувањата во кои уште сме, ќе сториме сѐ што е до нас да победиме. За да останеме во трката за титулата мора да ги добиваме нашите натпревари – вели Клоп.