Костовски беше посакуван од речиси сите клубови од поранешната држава да им суди на нивните мечеви. Доктор Обрадовиќ уште пред судењето во финалето на Купот на шампионите помеѓу Ајакс и Јувентус во него гледаше голем судија

Петар Костовски-Перула (2)

Нема сомнение оти Перула Костовски беше еден од најдобрите и најавторитетни македонски фудбалски судии. Самиот факт што беше во тројката што ја делеше правдата во финалето на Купот на европските шампиони помеѓу Ајакс и Јувентус, во Белград, во 1973 година, најубаво говори колку беше ценет и респектиран во судиската фела. Перула Костовски беше еден од ретките, кој беше посакуван за судија и од сите југословенски клубови. Тој беше коректен, настојуваше секоја одлука да е во согласност со фудбалските правила, без пристрасност на едната или на другата страна. Знаеше дури и тогаш кога атмосферата ќе беше вжештена да ја смири тензијата и да го приведе мечот кон крај.
– Можеби затоа Перула беше посакуван судија од сите прволигашки клубови. Навистина беше феноменален, знаеше да ги анимира луѓето, беше човек со сите манири на голем боем. Некогаш ако донесеше погрешна одлука, никој не се осмелуваше да му забележи. Сите знаеја оти грешката не е намерна. Тој беше вистински пример за нас помладите, каков треба да биде судијата. Единствено ми е жал што немав шанса да судиме заедно. Причина за ова е фактот што кога јас се појавував на судиската сцена, тој веќе ја завршуваш својата кариера. Но тоа не значи оти не сме се дружеле. Напротив, многу сакав да бидам во друштво со него, зашто не само што беше доблестен човек и пријатен соговорник, туку од него, како млад судија, можев многу да научам. Да бидам искрен и научив, па и денес, еве, в година ќе поминат 20 години од неговата смрт, уште како да беше тоа вчера ми се „вртат“ низ главата некои негови зборови. Ете, толку многу Перула беше сугестивен – вели еден од неговите ученици, инаку и тој познат фудбалски судија Гоце Попев.

НЕВЕРОЈАТЕН ПРЕЧЕК НА ОМИЛЕНИОТ ГОСТИН

Јас, пак, не можам да заборавам едно патување со Перула, кое ми остана во сеќавање. Се случи заедно со воз да патуваме за Белград. Тој одеше да суди, не можам да се сетам кому, битно е дека се работеше за некој од белградските клубови, а јас одев на некој пренос, не можам да се сетам дали беше бокс, ракомет или кошарка. Тоа не е ни толку битно, но битно е тоа што го видов подоцна. На излез од Железничката станица, кога се поздравувавме, одеднаш тој ми рече: „Дојди со мене, тука е хотелот во кој сум сместен, ќе каснеме по една чкембе-чорба, многу е убава“, Па и јас како голем мераклија за чорба, не можев да го одбијам. Но она што се случи и што го видов подоцна навистина е за кажување. Кога влеговме во ресторанот, одеднаш како тука да се насобраа сите вработени. Се слушнаа и довикнувања „доаѓајте, ни дојде Перула“. Толку беше омилен меѓу луѓето од персоналот, што ми се причини оти сите дојдоа да го пречекаат и поздрават. Тоа беше нешто неверојатно. Толку многу беше омилен и почитуван. Нема сомнение оти тој имаше чудесна моќ да ги привлече луѓето околу себе. Беше интересен, беше човек со „широка душа“, кој не правеше никаква разлика меѓу луѓето. Сите за него беа исти, без разлика дали некој е богат или сиромашен. Со Перула секогаш имаше убав и искрен муабет. Ова го знаеја сите во Дебар Маало и во кафеаната „Идадија“, каде што седењето му беше најпријатно. Тој секогаш, иако покрај себе имаше побогати пријатели и директори на големи фирми, не дозволуваше друг да ја плати првата тура. Перула беше тој со кого почнуваше веселото дружење.

СЕДЕНКИТЕ ВО „МАДЕРА“

Белград му беше еден од најомилените градови на Перула. Кога ќе беше одреден да суди на некој клуб од тогашниот главен град на државата, а ги имаше неколку, тогаш неговите белградски пријатели беа задоволни зашто тоа ќе беше нова можност да се сретнат со него. Кај сите нив во годините што поминуваа Перула имаше оставено убав впечаток и едноставно сакаа повторно да бидат во друштво со скопскиот судија, кого не го гледаа само како судија што треба да ја дели правдата на некој од клубовите за кој тие навиваа, туку како човек со ведар дух, полн со позитивна енергија. Тие го прифатија како вистински пријател, а и Перула меѓу нив се чувствуваше како да е со другарите од Дебар Маало. Разликата беше само во тоа што во Белград седенките беа во популарната кафеана „Мадера“, лоцирана во еден мал парк во близината на спортскиот центар „Ташмајдан“, а во Скопје се знае, главното место за средбите и муабетите беше „Идадија“.
Инаку, „Мадера“ се наоѓаше во близината на „Ташмајдан“, каде што имаше зимски пливачки базен и игралиште за хокеј, а тоа ѝ даваше посебен шмек. Тука, секојдневно седеа познати личности од спортскиот свет, меѓу кои прославениот тренер, селектор и фудбалски функционер Милјан Милјаниќ, доктор Аца Обрадовиќ, потоа во неа можеа да се сретнат и спортските новинари Љуба Вукадиновиќ, кој во тогашна Југославија важеше за првото фудбалско перо, спортскиот коментатор Владанко Стојаковиќ и многу други личности од светот на фудбалот, но и пошироко, зашто некогаш во фудбалското друштво можеа да се видат и познати „фаци“ од естрадата. Перула од сите нив беше прифатен како голем пријател, со кого едноставно сакаа да се дружат. Сите овие луѓе, веројатно поради своите манири, во Перула гледаа вистински боем и личност со која навистина имаше интересни муабети врзани не само со фудбалот туку воопшто за животот.
Сепак, на Перула најмногу му одеше разговорот со Милјаниќ, со кого си зборуваа на македонски. Милјан, чиј татко беше на служба во градот под Тумбе Кафе, тука го почна и школувањето, па така, го научи и македонскиот јазик. Интересно е оти и по многу години тој говореше на јазикот од првите училишни години.
– Откако, пак, ќе ја завршеше работата на фудбалскиот терен, во негово време, имаше една кафеана во близината на Железничката станица, во која се собираа сите судии што дента ја делела правдата на некој од белградските стадиони, но и оние од поблиските градови, како на пример Нови Сад. Седењето не беше час или два, се седеше цела ноќ. Возовите заминуваа и пристигнуваа, а Перула и друштвото се разделуваа во раната зора – ни раскажува Гоце Попев, кој како помлад судија често „налетувал“ на ова друштво.

РАЗГОВОР ЗА ПЕРУЛА И ВО ХЕЛСИНКИ

Јас, пак, како известувач за „Нова Македонија“, заедно со колегата Марко Черепналкоски од Европското првенство во кошарка во Хелсинки во 1967 година, каде што, патем, да кажам, патувавме со „фиќо“, во главниот град на Финска имавме можност да се сретнеме со доктор Обрадовиќ. Тој, во тоа време, беше менаџер и таму беше дојден да одведе фински фудбалери во Колорадо. Инаку, и денес се смета дека токму Обрадовиќ беше најголемиот пропагатор на фудбалот за тој да влезе на голема врата и во САД. Бевме изненадени кога рече дека дошол по фудбалери. Но поентата од дружењето при оваа средба беше друга. Кога разбра оти со Марко сме од Македонија, зашто дотогаш се немавме сретнато и се знаевме само преку печатот, веднаш нѐ праша дали се познаваме со Перула Костовски. Бевме изненадени и зачудени, откаде сега доктор Аца нѐ прашува за Перула. Му одговоривме оти не само што се знаеме туку и често се дружиме.
– Одличен судија е. Го има фудбалот во малиот прст, авторитетен е на теренот, а што е многу битно за еден судија, фудбалерите го почитуваат – додаде Обрадовиќ.
Ова беа неговите зборови, кажани во еден ноќен клуб во Хелсинки. Ние, пак, бевме горди зашто кажаното се однесуваше за наш човек. И навистина имаше право што го величаше македонскиот судија, зашто тој истиот Перула шест години подоцна, заедно со Чанак, му беше помошник на Гугуловиќ, во финалниот натпревар на Купот на европските шампиони помеѓу Ајакс и Јувентус (1-0), одигран во 1973 година во Белград. Ова финале не беше добиено со протекција, туку, напротив, наполно заслужено, зашто се ценеше квалитетот. А токму тој квалитет го имаше тогашната југословенска судиска тројка.