Фото: ЕПА

Дали доаѓањето на Меси во МЛС-лигата, кого многумина го сметаат за најдобриот фудбалер во историјата на играта, конечно ќе донесе неизбришлив бренд во САД и ќе го зацврсти своето место покрај тимските спортови како американскиот фудбал, кошарката или бејзболот, пишува „Би-би-си“

ФУДБАЛ

Добредојдовте во шоуто на Лионел Меси, моментно најжешката карта во САД. Еден момент или конечно промена во американскиот спорт, пишува Гилем Балаге за „Би-би-си“? Фудбал во САД имаше и порано. Но никогаш вака. Моментот не можеше да биде подобар, со Копа Америка што ќе се одржи таму в година, а финалето ќе се игра во Мајами. Светското клупско првенство треба да се одржи во САД во 2025 година, а тоа што ќе биде најголемо Светско првенство досега ќе се игра во САД, Канада и во Мексико во 2026 година, плус можноста земјата да биде домаќин и на следното Светско првенство за жени во 2027 година. Дали доаѓањето на Меси во МЛС-лигата, кого многумина го сметаат за најдобриот фудбалер во историјата на играта, конечно ќе донесе неизбришлив бренд во САД и ќе го зацврсти своето место покрај тимските спортови како американскиот фудбал, кошарката или бејзболот, пишува „Би-би-си“.

Џордан, Брејди, Грецки, а сега Меси

Ако има нешто што американските спортски навивачи обожаваат повеќе од тимовите за кои навиваат, тоа е страста што ја чувствуваат за суперѕвездите што играат за нив. Мајкл Џордан, Том Брејди, Вејн Грецки, а сега додадете го Лионел Меси. Њујорк има специјална понуда за промоција на билети, која вклучува отворање на сезоната на домашен терен в година и дербито против ривалот Њујорк сити. Но ако првиот натпревар биде против Интер Мајами, тоа нема да се смета како дел од договорот. Напишано со ситни букви покрај понудата се зборовите: „Ако Њујорк игра со Интер Мајами дома, секој билет за отворањето дома ќе биде заменет со билет за вториот домашен натпревар“. Името „Лионел Меси“ не се појавува, но навистина не мора. Сигурно ниту еден тим во новата сезона нема да вклучи билети за Интер во евтини седишта, пишува „Би-би-си“.
Никој на ниво на клуб или на лига не беше подготвен за ефектот што потписот на Меси ќе го има врз нив. Пакетите за сезонски билети за следната сезона се двојно повеќе отколку што беа во 2023 година, што го прави билетот за Интер Мајами еден од најскапите во светот, пишува „Би-би-си“. Инстаграм-профилот на клубот се зголеми од еден милион следбеници на 15 милиони. Ако сакате да го видите Меси кога Интер Мајами игра на гости, бидете подготвени да посегнете длабоко во џебот. На пример, ако сакавте да го гледате Колумбус годинава, можевте да го направите тоа за само 40 долари. Во следната сезона тие ќе наплаќаат најмалку 382 долари за гостувањето кај Интер Мајами, а цената ќе достигне до 680 долари. Ако случајно сте биле во Орландо и сте помислиле да гледате натпревар, тогаш минатата сезона можевте да гледате за околу 97 долари. Ако сте во градот кога Меси ќе го посети Орландо сити следната сезона, подгответе се да издвоите и повеќе од 1.500 долари, пишува „Би-би-си“.
Атмосферата на мечевите се граничи со надреалното. Никој речиси не ја гледа играта, освен преку учеството на Меси. Ако е на 50 метри од топката, сите уште го гледаат. Кога оди да изведе корнер, тоа се слави речиси како гол. Тоа е речиси како да гледате настан што се случува во рамките на друг настан, пишува „Би-би-си“.
Што е со купувањето дрес, тогаш? И ако можете да најдете дрес, а очигледно дури и на косопственикот на Интер Мајами, Дејвид Бекам, му било тешко да најде за да им даде на луѓето како подароци, логично има недостиг и од броевите 1 и 0 и буквите М, Е, С и И.
Пред Меси, Интер Мајами имаше стадион со многу празни седишта. Кога тој пристигна беше изградена дополнителна трибина за да се задоволи побарувачката. Сега почна изградбата на стадионот „Интер Мајами“ и планирано е да биде отворен во 2025 година. Буџетот на тимот се зголеми од 60 милиони на 300 милиони долари, а билетите се распродаваа за неколку минути, кога и да игра Интер Мајами, дома или на гости, пишува „Би-би-си“.
Мишел Кауфман е спортска писателка околу 35 години, од кои повеќето пишувала претежно за фудбалот за „Мајами Хералд“.
– Мојот живот беше многу потивок и помалку комплициран пред овој човек да дојде во мојот живот. Постои култ на Меси каков што никогаш порано не сум видела – рече таа, пренесе „Би-би-си“.
Прес-службата на Интер Мајами никогаш не морала да се занимава со нешто слично, не само со најдобриот играч на светот туку и со славна личност.

Па, како е откако тој пристигна?

Меси почна одлично. Пред публика од 20.000 луѓе, вклучувајќи ги и Леброн Џејмс, Серена Вилијамс и Ким Кардашијан, кои гледаа од луксузните апартмани, тој постигна гол од слободен удар за да ја запечати победата со 2-1 над тимот од Мексико, Круз Азул. Кога тој пристигна, тимот беше на дното на табелата во МЛС. Помалку од еден месец по неговото пристигнување, тој постигна гол за реми против Нешвил во финалето на Лига-купот за да го обезбеди првиот трофеј на клубот по победата со 10-9 на пенали.
Поттикнат од успехот во купот, Мајами на Меси тргна во серија од 12 меча без пораз и влезе во трка за место во плејофот, што ќе беше речиси незамисливо кога тој пристигна. На крајот тоа беше премногу, особено по повредата што предизвика Меси да пропушти шест меча.
Ова сега е трансформиран тим по сезона како на тобоган. Неуспехот да се пласира во плејофот значи дека сега може да ја има најдолгата празнична пауза што некогаш ја имал. Тој ќе има околу еден и пол месец одмор, иако тоа ќе биде проткаено со мечеви за Аргентина. Надвор од теренот работите се одвиваат добро, иако американските медиуми очекуваа повеќе настапи од него, пишува „Би-би-си“.

Меси, капитенот на Интер Мајами

Тој сега ја има капитенската лента, иако тоа не беше она што го сакаше. И со зголемената побарувачка за сѐ што е поврзано со Меси што може да ги пополни колоните и времето за емитување, излегувањето во јавност се покажува тешко. Кога првпат пристигна, беше сликан како го посетува супермаркетот. Ова повеќе не е можно бидејќи сите знаат дека е во градот, дури и оние што не следат фудбал.
Во меѓувреме, тој е посветен на каузата во Мајами. Тој полета за Париз на церемонијата за доделување на „златната топка“, пристигнувајќи во осум часот во понеделникот и леташе назад веднаш потоа во првите минути од вторникот за да се врати на тренинг. Тој, исто така, се приклучи на групата „Вотсап“ на играчите, каде што сподели некои од своите билети за натпревар со оние на кои им требаат. Тој дури му препушти пенал на својот соиграч и напаѓач Јозеф Мартинез затоа што минуваше низ серија без постигнат гол. Дома, неговата сопруга Антонела му помага да се смири, да дознае работи за Мајами, како и да го усоврши својот изглед и имиџ надвор од теренот. Деновиве е посамоуверен, си го најде своето место во светот. Тој е повторно заедно со поранешните соиграчи од Барселона, Жорди Алба и Серхи Бускетс, а се пишува дека наскоро ќе им се придружи и Луис Суарез. Неговата следна клупска цел ќе биде да тргне во потрага по триумф на Интер Мајами во МЛС.

Иднината на МЛС и важноста на Меси

Колку е големо доаѓањето на Меси во МЛС?
– Тоа е една од најголемите револуции во светот на спортот што оваа земја ја виде во претходните децении – рече Фернандо Паломо, спортски водител на ЕСПН и еден од најпочитуваните коментатори на фудбалот, пишува „Би-би-си“.
Но дури и тој не потврдува дека доаѓањето на аргентинската суперѕвезда во МЛС ќе се покаже како момент за напредок.
– Живеам во мал град во Конектикат и луѓето што не ми зборуваат за фудбал ми пријдоа не само за да зборуваат за фудбалот туку и да ми кажат дека веќе го купиле дресот на Меси, што кажува како тоа влијаеше на оваа игра – рече тој.
Паломо додава дека ова е многу поголемо отколку кога дојде Бекам, но дека „времето ќе покаже“ дали тоа навистина ќе го поттикне фудбалот во Америка.
– Барем фудбалот е на подобра позиција од кога било – рече тој. Н.М.