Споменикот на Тодор Ангелов во Брисел

Колку и да звучи чудно, Македонецот Ангелов е една од најистакнатите личности на белгиската антифашистичка борба во Втората светска војна. Во Белгија организирал и предводел герилска група, која главно била составена од Евреи. Во 1943 година бил уапсен, мачен и убиен од страна на германските окупациски власти и од Гестапо во тврдината „Брендонк“, која веќе функционирала како концентрационен логор. Веднаш по завршувањето на Втората светска војна, Ангелов бил прогласен за херој на белгискиот отпор и постхумно бил прогласен за полковник. Постхумно му се доделени и неколку белгиски ордени – орденот „Леополд“, „Воен крст“, „Медал за оружен отпор 1940-1945 година“ и „Комеморативен медал за војната 1940-1945 година“. Во Брисел, поточно во населбата Скарбек, каде што Ангелов подолго време живеел, е поставен споменик во негова чест

Од историските архиви

Деновиве се навршуваат осумдесет години од мачењето и смртта на Македонецот Тодор Ангелов Ѕаков, познат и како Тоде Божаната. За пошироката македонска јавност, ликот и делото на Ангелов се непознати, но станува збор за значаен македонски деец, кој одржувал контакти и врски со македонското револуционерно и национално движење. Соработувал со Радивој Каранов (потомок на Ефрем Каранов, соработник на Гоце Делчев), Тодор Чопов (македонски револуционер и внук од сестра на Гоце Делчев), Методи Алексиев (македонски револуционер и војвода на ВМРО), Александар Алеко Василев (познат и како Алеко Паша, серски окружен војвода и раководител на ВМРО во Петричко, голем противник на Тодор Александров) и др., како и со претставниците на ВМРО (Обединета). Како идеен противник на Ванчо Михајлов, Тодор Ангелов бил осуден на смрт од михајловистите.
Како потомок на бегалско македонско семејство и опкружен од македонската револуционерна средина, кај него се појавува слободарски и бунтовнички дух поради што станува приврзаник на левичарските идеи, како што се анархизмот и комунизмот. Праведноста и слободата биле негови водителки, поради што учествува во Шпанската граѓанска војна на страната на републиканците и се бори против силите на Франциско Франко, кој бил поддржан од фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини и од Хитлер. Во Втората светска воја, како убеден антифашист, се бори против германските окупациски власти во Белгија, каде што е заробен и убиен од Гестапо.

Бунтовник и противник на Ванчо Михајлов!

Роден е во Ќустендил, во македонското бегалско семејство на Ангел и Божана Ѕакови. Неговите родители заедно со постариот брат Јордан избегале од Македонија по Виничката афера од 1897 година. Како дете го нарекувале според името на неговата мајка, односно Тоде Божаната, а овој прекар го користел и подоцна во животот. Во Ќустендил имало многубројна македонска револуционерна средина, која влијаела во развојот на неговиот бунтовнички дух. Уште како ученик за време на Првата светска војна се приклучил кон анархистичка група предводена од Радивој Каранов.
Под влијание на левичарските идеи, во 1920 година учествува во првомајските демонстрации во Перник, поради што бил затворен од властите. По ослободувањето заминал во Бургас и Јамбол, каде што бил во контакт со тамошните анархистички групи. На 26 март 1923 година учествува во анархистичка демонстрација, во текот на која доаѓа до оружен судир и неколку жртви. Успеал да го избегне прогонот од властите и се засолнил во Горна Џумаја (денес Благоевград). Тука ги продолжил контактите со анархистите и се запознал со Тодор Чопов (внук на Гоце Делчев од сестра).
Во текот на т.н. Септемвриско востание од 1923 година, Тоде Божаната учествува во востаничка вооружена група од околу 130 души. Претходно востаничките водачи постигнале договор со раководителите на ВМРО, односно востанието да не се проширува во пиринскиот дел на Македонија. Меѓутоа поради одредени недоразбирања, ВМРО и востаниците доаѓаат во судир. Вооружената востаничка групација била разбиена од четите на ВМРО, а Божаната успеал да преживее. Подоцна со посредство на Георги Пенков му се предал на Алеко Паша, серски окружен војвода и раководител на ВМРО во Петричко. Најпрво бил држен во заробеништво, а подоцна бил вклучен во четите на ВМРО. Во 1924 година со дозвола на војводата Алеко Паша се вратил во Горна Џумаја. Во екот на крвавите Горноџумајски настани (кога Ванчо Михајлов преку серија убиства и прогони ја презема ВМРО), Божаната бил затворен од приврзаниците на Михајлов. По атентатот во црквата „Света Недела“, извршен од анархисти, бил приведен, но со семејството успеал да ја напушти Бугарија.
Пристигнал во Виена каде што стапил во контакт со претставниците на ВМРО (Обединета). Во „Македонско дело“ објавил сведоштва за убиствата и прогоните на Ванчо Михајлов и неговите приврзаници, поради што бил осуден на смрт од михајловистите. Во 1926 година со семејството заминал во Париз, Франција. Тука ги продолжил врските со левицата, по што на почетокот на март 1927 година бил екстрадиран во Белгија и се населил во Скарбек. Набргу станува член на Комунистичката партија на Белгија.

Убеден антифашист!

По започнувањето на Шпанската граѓанска војна, заедно со многу други доброволци заминува во Шпанија како приврзаник на републиканците и нивната борба против Франциско Франко, кој бил поддржан од фашистичка Италија и нацистичка Германија. Кон крајот на декември 1936 година му се приклучува на баталјонот „Георги Димитров“. На 12 февруари 1937 година, баталјонот бил итно префрлен на линијата на фронтот и учествувал во битката кај Харама. Откако бил ранет, во септември 1937 година, Ангелов бил префрлен во болница. Во април 1938 година учествувал во евакуацијата на болницата во Барселона. Во текот на летото, накратко патува во Париз и Брисел. Останал во Барселона до првите денови на 1939 година, подоцна заедно со десетици илјади бегалци од Шпанија бил сместен во бегалски камп. Кон крајот јули, преку Париз заминал за Брисел
По окупацијата на Белгија од страна на Германија во 1940 година, во почетокот на Втората светска војна, се приклучил на партизанското герилско движење. Учествува во создавањето илегални групации во Брисел, а меѓу другото тајно организирал пребегнување на еврејски деца и германски дезертери. По нападот на Германија врз Советскиот Сојуз, Белгиската комунистичка партија активно се вклучува во отпорот против Германија, а Ангелов предводи добро организирана герилска група, во која главно се вклучени имигранти и е особено активна во бриселската област. Во јули 1942 година, групата го нападнала белгиското седиште на „Јуденрат“ (Јуденрат беше административно тело основано во окупирана Европа од Германија за време на Втората светска војна, кое наводно ја претставувало еврејската заедница во односите со нацистичките власти) и ја уништила документацијата што се наоѓала таму, а во септември групата извршила бомбашки напад.
На 19 јануари 1943 година бил уапсен од Гестапо за време на голема операција против белгиското партизанско движење и бил затворен во тврдината „Брендонк“. Во почетокот, Ангелов не бил идентификуван како водач на герилската група и бил држен во самица. Ангелов бил затворен заедно со околу 800 приврзаници на отпорот против германската окупација. Во првите месеци на 1943 година, Ангелов и другите биле држени како заложници, а на 30 ноември 1943 година биле убиени како одмазда за белгискиот отпор. Д.Ст.

Четата на Илија Лерински. Долу седат Илија Которкин,Григор Хаџикимов,
позади нив стои свртен на лево Тодор Ангелов-Божаната