Роналдо (десно) негодува за судењето на Мажиќ на Мундијалот во 2014 година

Србинот Милорад Мажиќ (45) ќе го суди финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) помеѓу Реал Мадрид и Ливерпул на 26 мај во Киев, објави Европската фудбалска унија (УЕФА).

Мажиќ е интернационален судија од 2009 година. Тој сезонава ја делеше правдата на четири натпревари во ЛШ, додека претходно го судеше финалето на Купот на конфедерациите помеѓу Германија и Чиле минатата година, како и европскиот Суперкуп помеѓу Реал и Севилја во 2016 година, во кој „кралевите“ стигнаа до трофејот.  

Но, Мажиќ ја делеше правдата и на мечот помеѓу Германија и Португалија (4-0) од групната фаза на Светското првенство во 2014 година, во кој досуди пенал за Германија и го исклучи португалскиот дефанзивец Пепе, по што Кристијано Роналдо и неговите соиграчи јавно негодуваа за одлуките на српскиот судија, кои многумина ги окарактеризираа како контроверзни.