ФУДБАЛ

Приоритет е реновирањето на стадионот, со цел новиот „Ноу камп“ да биде готов до крајот на 2025 година, а работата да почне следната година
Фудбалскиот клуб Барселона на референдумот ги одобри новите финансиски планови, вклучувајќи ги и дополнителните 1,5 милијарда евра задолжување за реновирање на стадионот „Ноу камп“ и на неговата околина. Планот доби 87,8-отстотна поддршка од 48.623 учесници на референдумот, што е околу 44,2 отсто од вкупниот број членови на клубот. Тие гласаа и за собирање дополнителни средства за финансирање на проектот познат како „Еспаи Барса“, кој првично беше планиран во 2014 година.
Приоритет е реновирањето на стадионот, со цел новиот „Ноу камп“ да биде готов до крајот на 2025 година, а работата да почне следната година, со проширување на капацитетот до 105.000 места, што ќе го направи најголем стадион во Европа. Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта рече дека клубот очекува да генерира дополнителни 200 милиони евра годишно приходи од новиот стадион, благодарение на правата за спонзорство и за именување, билети, кетеринг, ВИП-ложи, состаноци и други настани. Во проектот е вклучено и ажурирање на инфраструктурата на клубот, како што се канцелариите и реконструкција на „Палата Блауграна“, мултиспортската сала, која треба да биде завршена до 2026 година, а канцелариите и хотелот „Кампус Барса“ до 2027 година.