За да се одигра натпревар во една од петте најсилни европски лиги се потребни од 200 до 500 лица, почнувајќи од фудбалерите, судиите, медицинските службеници, претставниците на медиумите и други, се наведува во статијата на „Скај спорт“

Според најавите и како што наложува моменталната ситуација, фудбалот низ Европа ќе продолжи да се игра без публика. Но и во такви околности за да се одигра натпревар во една од петте најсилни европски лиги се потребни од 200 до 500 лица, почнувајќи од фудбалерите, судиите, медицинските службеници, претставниците на медиумите и други, се наведува во статијата на „Скај спорт“.
Главниот извршен директор на германската Бундес-лига, Кристијан Сајферт, посочи дека на нивните натпревари ќе бидат потребни околу 250 луѓе, од играчи до технички персонал. „Скај спорт“ како пример го посочува мечот Хрватска – Англија од октомври 2018 година во Лигата на нациите, кој се одигра во Риека зад затворени врати. На тој меч имало околу 500 луѓе, од кои 200 биле специјални гости, потоа службени лица, претставници на медиумите и други.

До проектираните бројки „Скај спорт“ доаѓа почнувајќи од оние без кои не се може. Тоа се тимовите со по најмалку 22 играчи, по двајца тренери со по двајца помошници, петтемина судии, плус лекари, друг персонал, сѐ заедно околу 60. Потоа треба да има лица што ќе се грижат за безбедноста, кои во нормални околности ги има околу 30 на натпревар во Премиер-лигата.

Со најави за по два натпревара неделно на некои терени, персоналот што се грижи за нивното одржување ќе биде од суштинско значење. Некои клубови во Премиер-лигата вработуваат десетици такви работници. Таа бројка би можела да се намали во овие околности. За меч од врвен ранг се потребни најмалку четворица болничари, возач на брза помош, полициски службеници, како и стјуардите и официјалните службеници, кои треба да го обезбедат стадионот безбеден од какви било несакани натрапници.
Момчињата и девојчињата што ги враќаат топките во игра, обично ги има околу десетина. Тие може да бидат помалку, но што кога топката ќе отиде на празната трибина? Поголемиот дел од работата на англискиот ВАР се одвива во „Стокли парк“, но за „Хок-ај“ се потребни техничари за проверка на можните спорни ситуации при постигнување на головите.
Постојат и прашања како тоа дали кога на едно место има над 100 луѓе треба некаква храна? Колку лица треба да се грижат за безбедноста на играчите и на персоналот? Потоа, тука се официјалните лица на Премиер-лигата, извршните директори на клубовите, раководителите на објектите, службениците за клупски комуникации, како и тим за отворање и за затворање на стадионот. Со тоа се доаѓа до бројка од 120 до 160 лица, без претставници на медиумите.

За натпреварите што се пренесуваат во живо на телевизија се потребни најмалку 70 лица. Тука спаѓаат камерманите, инженерите за слика, за продукција, за безбедност, новинарите известувачи, коментаторите, експертите…
Обично третина, па и половината од нив се наоѓаат на стадионот за време на натпреварот, а остатокот во блиската околина. На некои стадиони, како што се „Емирати“ и „Вембли“, сите се во поттрибинскиот простор. Новинарите од пишуваните медиуми, кои ги има од 20 до 80 по натпревар, најверојатно ќе бидат сместувани на различни локации за да се одржи физичкото дистанцирање.