Трајко Недев и Филип Панчевски

Кај мене постоеше идеја да организирам ваков интернет-турнир пред Велигден. Пробуваме да направиме нешто со Шаховскиот сојуз на град Скопје. Мислам дека на вакви турнири би играле многу деца, па дури е можно да се направат А и Б-турнири, вели претседателот на Шаховскиот сојуз на град Скопје, Ѓорѓи Миновски

Со појавата на пандемијата на коронавирусот, турнирскиот интернет-шах станува сѐ попопуларен, а претставува и единствен начин шахистите да продолжат да се натпреваруваат, кога речиси сите спортови се суспендирани или се одложени. За тоа дали тој може да се примени и во Македонија, го чувме мислењето на неколку македонски реномирани шахисти.
– Би можело да се организира, само не во класичен шах, затоа што предолго e седењето пред компјутер. Повеќе сум заинтересиран за забрзан и за брз шах, кои можат да се играат и за време на викенд. Тука, сепак, треба да се внимава на можните измами, особено ако тоа е отворен турнир, каде што шансите да се користи компјутер се големи, па ќе мора шахистите да се гледаат, односно да се користат камери.

Затоа сметам дека подобра варијанта е затворен турнир со одбрани играчи со репутација, кои нема да мамат и кои би имале што да загубат кога би биле фатени дека мамат. А би биле санкционирани, на пример, со забрана на настап на обични турнири – вели членот на Алкалоид, интернационалниот мајстор (ИМ) Филип Панчевски.
За членот на Гамбит Асеко СЕЕ и професионален шаховски тренер, ИМ Орце Данчевски, сега е време за играње интернет-шах, ама повеќе на слободни партии.
– Мечеви со забрзано и со брзо темпо на игра се во ред, но сум против класичното време за размислување. Сега е и време за играње шах преку интернет, ама повеќе на слободни партии. Не знам, можеби помладите шахисти и ќе се согласат на сериозни партии преку интернет, но ние постарите со сигурност сме против.

Не мислам само на проблемот со користењето компјутери туку на психолошкиот ефект на виртуелната и вистинската реалност. Еве, јас на пример, никогаш нема да можам да играм сериозно шах преку интернет, како кога сум во турнирска сала – вели Данчевски.
Идеја за ваков турнир веќе постоела кај претседателот на Шаховски сојуз на град Скопје, Ѓорѓи Миновски.

– Кај мене постоеше идеја да организирам ваков интернет-турнир пред Велигден. Сепак, ова е малку специфично, оти шахистите можат дополнително да користат компјутери и слично. Пробуваме да направиме нешто со Шаховски сојуз на град Скопје, а имаме на сметката и мала сума за награден фонд, со тоа што не би се плаќала уписнина за настап. Мислам дека на вакви турнири би играле многу деца, па дури е можно да се направат А и Б-турнири. Секако, тука голема улога игра и тоа да се имаат добра интернет-конекција и компјутер.

Не знам колку сме подготвени за вакво нешто оти немаме многу искуство, но токму затоа би можеле и да се обидеме. Да не заборавиме дека во октомври треба да се одржи и традиционалниот турнир „Опен Скопје“, па не се исклучува можноста, ако продолжи состојбата со коронавирусот, во ваков интернет-формат и да го одржиме – вели Миновски.


Онлајн-турнирите земаат сѐ поголем замав

Шаховските турнири преку интернет се чини земаат сѐ поголем замав. Така, неодамна заврши турнирот „Бантер-куп“ во брз шах (двапати по три минути), со настап на 128 шахисти. Ваков турнир (двапати по 15 минути), со осуммина врвни шахисти, моментно е во тек, предводен од светскиот првак Магнус Карлсен. Сличен силен турнир имаше и во Абу Даби, преку интернет се играше и првиот „Нордиски викенд-куп“, на кој настапија 67 екипи со 27 велемајстори (ВМ).

Шестмина индиски ВМ, предводени од Вишванатан Ананд, одиграа преку интернет симултанка со стотина аматери, а приходот беше наменет за борбата против коронавирусот. Интернет-турнири моментно се организирани и во Русија, Чешка, Шпанија, Сингапур, Иран, Уругвај, Азербејџан, Перу, Мексико, Колумбија, Аргентина, Бразил, Канада, Кина… Во мај претстои и интернет-купот на нации (ќе настапат Русија, САД, Европа, Кина, Индија и селекција на Остатокот од светот), предводени од поранешните светски прваци Гари Каспаров, Владимир Крамник и Ананд. 


Недев: Шаховски часови во живо

Интересна идеја за шах преку интернет има велемајсторот (ВМ) и член на Алкалоид, Трајко Недев.
– Играњето турнири во живо во класичен шах речиси и да не е возможно, поради опасноста од користење компјутери во наоѓањето подобри потези. И за брзи темпа, исто така, е сложено. Според мене, да се организираат шаховски часови во живо, за помладите шахисти, под ингеренција на Шаховската федерација на Македонија.

На пример, да се искористат за шаховска обука тематски мечеви на учениците, кои би биле поделени во три групи според нивниот квалитет, а би постоел и совет на шаховски тренери, кој би работел со тие деца. На пример, се учи шаховското отворање сицилијанска одбрана, а потоа сите учесници да играат меѓу себе, користејќи го тоа отворање – вели Недев.

[email protected]