Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ги шокираше медицинските работници со последните коментари за лек за коронавирус. Неговите коментари експертите ги нарекоа неодговорни и опасни, пренесуваат американските медиуми.

Трамп на прес-конференција за коронавирусот сугерирал дека вбризгувањето дезинфекциски средства како изопропилен алкохол во телото би можело да го убие коронавирусот, а предложил и зрачење на телото на болниот од ковид-19 со УВ-зраци.

Американските научници откриле дека вирусот брзо ја губи силата кога е изложен на сонце, топлина и влага, а истражувањето го претставиле пред јавноста на прес. Заедно со тоа, истражувањето открило и дека избелувач би можел да го убие вирусот во капките или во респираторните течности во рок од пет минути, а изопропилниот алкохол наводно може да го стори истото во покусо време. Трамп истакнал дека треба многу внимателно да се сфати ова истражување.

– Да претпоставиме телото да го изложиме на големи УВ-зраци или некое друго моќно зрачење. Мислам дека рековте дека тоа се уште не сте го провериле, но дека ќе го тестирате – рекол Трамп обрајќајќи и се на докторката Дебора Биркс, која е координаторка за борба против коронавирусот во Белата куќа.

Тој потоа продолжил да изнесува предлози кои би можеле да се тестираат.

– Јас тогаш реков што ќе се случи ако пуштиме зраци внатре во телото, што може да се направи преку кожата или на некој друг начин, па вие рековте дека ќе тестирате. Тогаш видов дезинфекциски средства кои го уништуваат вирусот во минута, постои ли начин да направиме такво нешто, преку инјекција или со чистење? Средството да влезе некако во белите дробови. Тоа е интересно да се провери – додал Трамп.

Тој ја прашал докторката за тоа дали слушнала за третман на лекување на коронавирусот со топлина и зраци.

– Не како третман. Мислам, температурата е добра работа, помага на телото да одговори на болеста, но се уште не сум видела третман со помош на топлина или зрачење – рекла Биркс, додека Трамп и` одговорил дека би било многу добро ако се провери такво нешто.