Меѓу другото, се тестираат правилата за изведување сервис 15 секунди по завршувањето на претходниот поен, за да се забрза играта и да се избегнат одложувањата помеѓу поените, и ограничувањето на по еден тајмаут по сет, за да се оптимизира текот на играта и да се крене интензитетот на натпреварот, пишува ФИВБ

Возбудливи нови правила тестира Светската одбојкарска федерација (ФИВБ) за време на Светското клупско првенство во одбојка за мажи, што се играше во Бразил, а и на истото натпреварување за одбојкарки неделава во Турција, пишува ФИВБ на својата интернет-страница. На мечевите се тестираат поставеноста на полето за игра, мерач на време за изведување сервис и ограничен број тимски тајмаути по сет. Сите податоци и повратни информации од тестирањето ќе бидат оценети и потоа споделени со релевантните комисии на ФИВБ, како и со Извршниот комитет и Административниот одбор на ФИВБ за конечна одлука.
Според тестот за поставеност на полето, клупите за резервни играчи ќе бидат лоцирани спроти главната ТВ-камера, за да се стави поголем фокус на играчите и да се видат реакциите и емоциите на тимовите за да се создаде попривлечна содржина за гледачите. Вториот тест, одбројувањето за сервис ќе го контролира првиот судија. Ќе има период од 15 секунди помеѓу крајот на претходниот поен и почетокот на новиот. На серверот му се доделуваат седум секунди за да се подготви за сервис и осум секунди за да сервира, пишува ФИВБ. Главната цел на овој тест е да се забрза играта и да се избегнат одложувањата помеѓу поените, за последователно да се зголеми фокусот на публиката на играчот што сервира и да се крене возбудата околу сервис-акцијата. Доколку играчот не успее да сервира во даденото време, тоа ќе се смета за „сервисна грешка“ и поенот ѝ ќе биде доделен на противничката екипа.
Влијанието врз текот на играта ќе се тестира со ограничување на тимовите на еден тимски тајмаут по сет. Целта е да се оптимизира текот на играта за да се крене интензитетот на натпреварот додека се одржува фокусот на публиката за целото времетраење на играта. Затоа, за време на натпреварите на клупските СП во одбојка има еден технички тајмаут од 60 секунди од првиот до четвртиот сет, кога водечкиот тим ќе освои 12 поени, а секој тим ќе добие само по еден тимски тајмаут од 30 секунди по сет.
Имплементацијата на овие тестови може да се приспособи штом ќе почнат тестовите за да се обезбедат оптимални резултати, пишува ФИВБ.