Во рамки на почетокот на шестата сезона на Меѓународниот детски социјален проект „Фудбал за пријателство“ под покровителство на компанијата „Газпром“, како дел од стартот на локалните активности поврзани со овој проект, утре (20 април) ќе се случи средба на тренинг кампот на ФК Вардар во Хиподром, со почеток во 14 часот.

На средбата ќе бидат претставени македонските учесници во годинешната сезона на проектот кои ќе патуваат во Москва (Русија), како Делегација од Република Македонија.

На средбата ќе бидат присутни фудбалерите од првиот тим на Вардар, на која од децата претставници ќе дознаат повеќе информации за симболот на „Фудбал за пријателство“ и вредностите кои ги промовира овој проект.

– Цел на овој проект е развој на детскиот фудбал, популаризирање на младинскиот спорт, и здравиот начин на живот, како и едукација за толеранција и промовирањето на пријателството меѓу децата од различни земји, националности и култури. Главен симбол на проектот е „Алка на Пријателството“. Клучните вредности кои се промовираат во рамки на оваа програма, а ги поддржуваат и ги промовираат учесниците се: пријателство, еднаквост, праведност, здравје, мир, посветеност, победа, традиција и чест – информира фудбалскиот клуб Вардар.