Хадерсфилд е првиот тим што се сели во понизок ранг сезонава во Англија, трет во историјата на лигата кому тоа му се случило по 32 кола, за еден ден не испадна најрано, постави рекорд за постигнати голови на гости…

Кристал палас го совлада Хадерсфилд со 2-0 во саботата, во 32-то коло, што значеше и испаѓање на Хадерсфилд од англиската Премиер-лига на шест кола до крајот на сезонава. Хадерсфилд официјално е првиот тим што се сели во понизок ранг сезонава, во Чемпионшип, и трет во историјата на лигата кому тоа му се случило по 32 кола.

Претходно на ваков начин од Премиер-лигата испаднаа Дерби каунти, во сезоната 2007/2008 и Ипсвич, во сезоната 1994/1995. Хадерсфилд може да се теши со тоа дека избегна поставување нов рекорд за најрано испаѓање во однос на деновите, бидејќи Дерби испадна на 29 март 2008 година, а на Хадерсфилд тоа му се случи на 30 март.

„Териерите“ од Хадерсфилд освоија 14 поени, што значи дека ќе го избегнат рекордот на Дерби, кој освои 11. Повеќе бодови од Хадерсфилд на крајот од сезоната, при испаѓањето, имаат освоено Сандерленд, 15 во сезоната 2005/2006, Астон Вила 17, во 2015/2016, Портсмут 19 во 2009/2010 и Сандерленд 19 во сезоната 2002/2003.

Хадерсфилд нема постигнато гол на 38 од 70-те натпревари во премиерлигашката конкуренција (54,3 отсто), што е највисок процент во историјата на ова натпреварување. На 32 меча сезонава Хадерсфилд постигна 18 гола, само еден на гости во 2019-та, и забележа само три победи. Хадерсфилд треба да постигне уште два гола на последните шест меча барем да се израмни со Ипсвич од сезоната 2007/2008.

Сандерленд во сезоната 2002/2003 постигна 21, а Астон Вила во сезоната 2015/2016 – 27 гола. Според бројот на примени голови (59), Хадерсфилд и не е толку лош и е далеку од рекордните 89 на Дерби од сезоната 2007/2008. Рекордер во таа категорија е Свиндон, од сезоната 1993/1994, со 100 примени гола на 42 меча.

Сегашниот менаџер на Хадерсфилд, Германецот Јан Сиверт, кој го наследи сонародникот Дејвид Вагнер во јануари, е првиот што ги загубил првите пет натпревари на гости, по Оле Гунар Солскјер со Кардиф во сезоната 2013/2014. 


Алиоски и Лидс се сѐ поблиску до Премиер-лигата

Езгјан Алиоски беше заменет по првото полувреме од мечот Лидс- Милвол (3-2), во кој гостите двапати беа во водство, со 1-0 и со 2-1, но Лидс успеа да освои значајни три бода и сега е на втората позиција во фудбалската дивизија Чемпиношип во Англија, со 76 бода, која води директно во Премиер-лигата.
Лидер е Норич со 81 бод, а во игра за четирите места во разигрувањето се Шефилд јунајтед, кој има 74 бода, ВБА со 70, Астон Вила со 60, Дерби со 59, Бристол и Мидлсбро со по 58, Нотингем форест и Престон со по 57, Шефилд вендзди со 56 бода итн.
Алиоски е во Лидс од 2017 година. Во првата сезона тој настапи на 45 натпревари со сите конкуренции, најмногу од сите, и постигна седум гола. Сезонава одигра 41 меч, постигна седум гола и има пет асистенции. Л.Д.