На врвот и понатаму е прв светскиот првак Карлсен, пред Каруана и Динг, а на македонската листа води Георгиев
Рускиот велемајстор (ВМ) и победник на Европското првенство (ЕП) во Скопје, Владислав Артемиев, на најновата рејтинг-листа на ФИДЕ за април направи огромен скок и, од 19-то, се најде на 13-то место, благодарение на новоосвоените 18 поени. Тој е и трет шахист по квалитет во Русија, надминувајќи го и неодамна пензионираниот ВМ Владимир Крамник, кој ќе остане на оваа листа уште осум месеци.
И понатаму прв, со 2.845 поени, е светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (тој е прв и во забрзан и брз шах), втор е Американецот Фабијано Каруана (2.819, девет бода помалку во однос на минатата листа), а трет Кинезот Лирен Динг (2.809, минус 3). Кај жените води Кинезинката Јифан Хоу (рејтинг 2.662), пред светската првенка и сонародничка Венјун Ју (2.587).
На македонската листа и понатаму води ВМ Кирил Георгиев (2.588), иако загуби 6,9 поени во однос на март, пред ИМ Филип Панчевски (2.499), а трет е ВМ Трајко Недев (2.495). Од младите надежни шахисти, репрезентативецот ИМ Никола Николовски (2.391) минусира 13 поени и е 10-ти, а ФМ Тони Лазов (2.232) загуби 37 поени и е 20-ти. И двајцата настапија на ЕП во Скопје. Во женска конкуренција прва е ЖФМ Моника Стојковска (2.135). Македонија екипно остана на 52-та позиција (2.465 просечен рејтинг на првите 10 шахисти), а прва е Русија (2.741), пред Кина (2.709) и САД (2.705).
– За Кирил Георгиев немам коментар. Тој имаше пех во првото коло, а потоа ја потврди својата класа, која знаеме дека е на високо ниво. Што се однесува до Чоловиќ, Николовски и Лазов одиграа солидно, во свои рамки. Штета што не играа повеќе наши ВМ. Разбирам дека секој има свои причини, но тие што играат се во предност за настап на ЕП во Батуми годинава. Сепак, околу конечната одлука, кој до каде е и во каква форма се потенцијалните репрезентативци, најдобар одговор ќе даде Затвореното првенство на Македонија, во мај – вели селекторот на машката шаховска репрезентација на Македонија, Роландо Кутиров.
НАЈДОБРИ МАКЕДОНСКИ ШАХИСТИ НА ЛИСТАТА НА ФИДЕ
ВМ Кирил Георгиев 2.588
ИМ Филип Панчевски 2.499
ВМ Трајко Недев 2.495
ВМ Владимир Георгиев 2.483
ВМ Никола Митков 2.481
ВМ Звонко Станојоски 2.447
ВМ Александар Чоловиќ 2.446
ИМ Дејан Стојановски 2.432
ВМ Драгољуб Јаќимовиќ 2.392
ИМ Никола Николовски 2.391