Црвеноушестата желка (Trachemys scripta elegansе) е полуводна желка, која припаѓа во семејството на блатните желки и која е со потекло од јужните делови на САД и северните делови на Мексико. Денес е распространета низ целиот свет во слатките и топли води, благодарение на својата репутација на идеален домашен миленик.
Честата заблуда околу одбирањето желка за домашен миленик е дека тие не бараат многу грижа и дека доволно им е само да ги ставите во некој пластичен сад. Баш од таа причина голем број црвеноушести желки најчесто умираат до една година старост.
Младите желки до три месеци старост обично не се поголеми од една метална монета, меѓутоа големината на оклопот кај женките може да достигне и до 20-25 сантиметри (кај некои дури и до 30 сантиметри), додека кај мажјаците таа бројка е нешто помала од 20 сантиметри. Младите желки може да се чуваат во аквариум со димензии 60-30-30, додека на веќе пораснатите желки им е потребен поголем простор со димензии 150-50-50. Кај желките важи правилото дека просторот никогаш не е преголем, значи што повеќе вода толку подобро за нив. Минималната длабочина на водата би требало да биде еднаква на должината на желката.
На желките им е неопходен и сув простор на кој тие ќе можат да се сончаат и да синтетизираат витамин Д, кој им е потребен за правилен развој на коските и оклопот. Во домашни услови емитирањето сончева светлина се одвива со помош на специјални ламби со УВА и УВБ-спектар на зрачење, кој треба да биде поставен на далечина од околу 30 сантиметри од местото на сончање.
За правилно одржување на микроклимата во аквариумот, е потребен и греач за вода со оглед на тоа дека црвеноушестата желка потекнува од тропските и суптропските предели. Идеалната температура на водата треба да биде 23-29 степени Целзиусови. Многу е важно одржувањето на температурата, бидејќи овие влечуги немаат постојана телесна температура и таа обично зависи од температурата на околината. При ниски температури желките се помалку активни, но прениската температура на водата во аквариумот може да доведе до настинки, намалување на апетитот за јадење, неправилен развој и на крајот до смрт.
Освен греењето и одржувањето на идеалната температура, за овој миленик важен фактор се и филтрацијата и одржувањето на квалитетот на водата. Филтрацијата во аквариумот се дели на механичка, биолошка и хемиска. Механичката филтрација е основен облик на филтрација и под неа се подразбира физичко отстранување на сите честички од водата, како што се изметот и остатоците од храна. Биолошката филтрација е најважен облик, со неа се отстрануваат амонијакот и нитритите од водата. Неа ја сочинуваат нитрифицирачки бактерии, кои со кислородот го разградуваат амонијакот, преку нитритите, па се до нитратите.
Со хемиската филтрација, пак, се отстрануваат несаканите отпадни материјали од водата, со што таа дополнително се разбиструва и се намалува непријатната миризба. Притоа најчесто се користи активен јаглен за кој по пат на апсорбирање се врзуваат растворени органски материјали. Меѓутоа, нивната корисност слабее по неколку недели, па затоа е потребно редовно да се менува. Треба да го имате на ум и дека желките се доста неуредни животни и дека постојаното одржување водата е една од главните причини за нивно чување. Важно е да се напомене и дека водата што се додава во аквариумот мора да биде однапред подготвена, така што претходно треба да отстои 24 часа, но поедноставно е да се користи аквариумско средство за подготовка на водата, кое неутрализира хлор и тешки метали.
За здрав раст, развој и квалитетен живот на желките им е потребна разновидна храна. Притоа не е доволна само готовата храна во облик на гранули. Повозрасните желки се сештојади, што значи дека исхраната може да им биде и од растително и од животинско потекло, за разлика од помладите желки, кои може да ја одбијат храната од растително потекло. Од живата храна може да им се даваат црви, дождовни глисти, скакулци и муви. Од месните производи слатководни риби, сурово говедско и пилешко. Младите единки се многу посклони на грабливост од возрасните: како што стареат, желките сè повеќе се хранат со растенија, а сè помалку со месо. Желките никако не смеат да се хранат со суво место, туку само во вода, бидејќи тие не произведуваат плунка и имаат неподвижен јазик, што може да доведе до задушување.
Во секој случај црвеноушестите желки при чувањето бараат доста внимание, како и сите преостанати влечуги. Тие никако не се погодни за чување со мали деца, ниту се предвидени за играње, допирање и предизвикување, бидејќи можат да ве гризнат.
Пред да го земеме на чување овој вид миленик, треба добро да размислите дали сте подготвени и дали сте во можност да ги исполните сите обврски што следуваат, а доколку од некои оправдани причини не сте во можност да се грижите за неа, тогаш, секако, побарајте некоја организација што би го зела и би му нашла нов одговорен сопственик.