Здрава храна

Додавањето една лажица ленено семе во вашата дневна исхрана може да има многу позитивни ефекти врз телото. Лененото семе е богат извор на здрави масти и други корисни хранливи материи, а на постарите лица им се препорачува да јадат четири-пет порции јаткасти плодови и семки неделно. Богато е со фитонутриенти, лигнани, токофероли и ферулинска киселина, кои имаат антиоксидантни својства.
– Овие антиоксиданти го намалуваат ризикот од хронични болести типично поврзани со стареењето, како што се ракот, срцевите заболувања, мозочниот удар, дијабетесот и бубрежните заболувања – вели д-р Дејна Елис Ханс во изјава за „Лајвстроџер“.
Лененото семе е богато со омега 3 масни киселини, кои се неопходни за здраво стареење.
– Омега 3 се корисни за здравјето на срцето и имаат антиинфламаторно дејство, што е од суштинско значење за здраво стареење – вели д-р Ханс.
Згора на тоа, според Американското здружение за срце, лигнаните во лененото семе се поврзани со намалување на холестеролот и крвниот притисок.
Протеинот е клучна хранлива материја за борба против природното губење на мускулите, кое се случува со текот на времето. На повозрасните лица им се потребни повеќе протеини во нивната исхрана за да ја зачуваат и зголемат мускулната маса. Лененото семе се состои од 30 проценти протеини. Две лажици мелено ленено семе содржат 2,6 грама протеини. Овие семки се најпознати и како додаток во исхраната за секој што сака брзо и на здрав начин да се ослободи од вишокот килограми. Со оглед на тоа што содржат огромно количество растителни влакна, помагаат да се продолжи чувството на ситост, односно ефикасно да се намали апетитот.