Банкноти и пари

Ликовни приказни

На почетокот од ова писание сакам да се потсетиме на една многу проста и банална работа, дека за историјата тоа што се случувало пред триесет години е исто како да се случува денес. Во 1991 година беше избрана техничка влада, а за премиер господинот Никола Кљусев. Оваа влада владееше многу кратко, нецели две години, но донесе важни економски и политички одлуки.
На една седница, од говорницата на македонското собрание, со доза на радост и гордост премиерот Кљусев ги покажа новите македонски пари, настан што беше проследен со силни аплаузи, бидејќи со таквиот чин тогашната влада монетарно се одвои од Федеративна Југославија, значи од динар поминавме во денар.
Кога веќе споменав банкноти и пари, мислам тука е најдоброто место да почнам да ја раскажувам најавената ликовна приказна. Значи, пред Кљусев да ги покаже новите македонски банкноти, за нивна реализација беа потребни некакви подготовки, на пример требаше да се најде печатница, исто така и дизајнери што ќе ги изработат ликовните решенија на банкнотите, на каква хартија ќе бидат отпечатени парите и уште куп други работи, кои во случајов нема потреба да ги споменувам.
Печатницата „11 Октомври“ од Прилеп беше избрана како најпогодна за ваква ликовна и финансиска операција и, според практиката од тоа време, директорот на печатницата (нека ми прости што му го заборавив името) тргна за Белград со намера во „Графички завод“, најпрофесионалната печатница од поранешна Југославија, да најде и да ангажира ликовни дизајнери што ќе изработат ликовни решенија за нашите нови пари. Во тоа време во,,Графички завод“ во Белград работеа Драгиша Андриќ, графичар, Драган Милеусниќ, скулптор, и сликарот Нусред Хрвановиќ од Сараево, кој по студиите остана да живее и работи во Белград.
По некоја случајност, со сите тројца заедно студиравме во Ликовната академија во Белград и бевме блиски колеги и пријатели.
Директорот на печатницата од Прилеп им ги објасни на колегите целта и намерата зошто е дојден во,,Графички завод“, на што колегите го запрашаа директорот зошто доаѓа во Белград кога во Скопје можат да се направат решенија исто толку квалитетни како и во Белград. Директорот им одговорил дека ниту во Скопје ниту во цела Македонија нема сликари што можат да направат квалитетни решенија за новите македонски пари како таму во Белград. На тоа Андриќ му одговорил: „Другар или господине, вратете се во Скопје, кај вас има не графичари како нас туку и подобри од нас. А за да ве уверам во тоа што ви го кажувам прифаќам да дојдам со вас во Прилеп, но под еден услов“. А условот бил патем да поминат во моето ателје во населбата Ченто. Наредниот ден или понаредниот, директорот и Драгиша се качија во автомобил и право кон Македонија.
Како што се договорија, пред да заминат кон Прилеп, дојдоа во моето ателјето, по што Драгиша Андриќ му се обрати на директорот на печатницата: „Еве, овој е еден од многуте македонски графичари што знаат да ви направат солидни решенија за вашите нови пари и нема потреба да лутате низ Југославија барајќи графички дизајнери“. Директорот убеден во зборовите на Драгиша ме праша дали ќе прифатам да направам неколку решенија за парите и за колку време можам да го направам тоа. Му одговорив дека прифаќам и дека за дваесетина дена решенијата ќе бидат готови. Директорот радосен, како секој добронамерен човек, ме зеде и мене во Прилеп да ги видам условите од печатницата.
По дваесетина дена решенијата беа готови, отидов во Прилеп и директорот беше задоволен од мојата работа. Но, како и во убавите бајки, кои завршуваат помалку убаво, истото тоа се случи и со решенијата за новите пари. Имено, од Министерството за култура дојде препорака да се престане да се бараат дизајнери за новите македонски пари, бидејќи тие во Љубљана нашле асли професионалци и тие ќе ги изработат решенијата за новите пари (чии први примероци подоцна премиерот Никола Кљусев ги покажуваше во македонското собрание).
По неколку месеци во ликовната фела почна да се шушка дека главен дизајнер од Словенија ти била сестрата на тогашниот министер за култура Слободан Унковски! Не знам дали тоа е вистина или не е вистина, но тоа воопшто и не е важно, она што е важно е дека не треба постојано да мислиме дека само надвор можат да се направат добри и професионални работи. Мислам и убеден сум дека и овде, дома, имаме личности од сите сфери што можат да се мерат со тие однадвор и, како што велеше Драгиша, дека имаме и подобри.
Подоцна директорот на печатницата сакаше да ги откупи моите решенија за архивата на печатницата. Не знам од кои причини не му ги дадов, па ете сега едното од нив служи како сведок за времето кога се изработуваа новите македонски пари и пред сѐ како дизајнерски прилог за оваа мелодрамска ликовна приказна.