Техно

Помина неполна година од претставувањето на камерата „осмо акшн 3“ на технолошката компанија „ДЈИ“, но и покрај ова пристигна четвртата генерација. Новата акциска камера „осмо акшн 4“ ветува подобрени перформанси во услови на слаба осветленост, подобри способности за стабилизација и поголема издржливост.
Камерата „ДЈИ осмо акшн 4“ доаѓа со значително поголем сензор, 1/1,3 инчи во споредба со 1/1,7 инчи во случајот на третата верзија. Ова ја зголемува големината на пикселот од 1,6 µm на 2,4 µm. Објективот е ист како и досега, видното поле е 155 степени, а отворот е ф/2,8. Како и неговиот претходник, „акшн 4“ може да снима 4К-видео со 120 фпс и до 130 мбпс. Камерата поддржува микроСД-картичка до 512 гигабајти, што е зголемување од 256 гигабајти. На овој начин се овозможува снимање на повеќе материјал пред да биде потребно да се префрли на компјутер.
Ако внимателно ја погледнете буквата „o“ во натписот „action“ на предната страна, можете да видите дека се работи за сензор за температура на бојата што автоматски се приспособува според променливите услови на осветлување. Три микрофони се грижат за звукот, а надворешен микрофон може да се поврзе преку УСБ-Ц адаптер од 3,5 милиметри.
Батеријата овозможува снимање 2,4 часа дури и при екстремно студени услови, до минус 20 степени. Исто така, батеријата се полни до 80 проценти за 18 минути, а сега може да се користи и до 18 метри под површината на водата без куќиште.
Единственото нешто што сè уште ѝ недостига на камерата е ГПС-приемник. „ДЈИ“ го претстави далечинскиот управувач ГПТ-блутут, кој ѝ овозможува на камерата да додаде ГПС-следење на видеото и обезбедува далечинска контрола на камерата со две копчиња и мал екран. Камерата може да се контролира и преку своите два екрана чувствителни на допир, задниот дел е екран од 2,25 инчи со резолуција од 640х360 пиксели, а предниот е екран од 1,4 инч со резолуција од 320х320 пиксели.