„Ние ја имаме судбината на Јозефа К.“ најдобар на конкурсот „Живко Чинго“

Расказот „Ние ја имаме судбината на Јозефа К.“, под шифрата „Обид на македонистот“, е најдобар на годинашниот конкурс „Живко Чинго“. Комисијата во состав: Димитар Пандев, претседател, Перчо Божиновски, член, и Мерсиха Исмајлоска, член, го издвои награденото дело со актуелноста на горливата тема, вклопена во интертекстуална книжевна матрица со референци на светската и македонската книжевност, што му дава постмодернистички сензибилитет.
Комисијата го истакнува своето задоволство од високиот степен на квалитет на пристигнатите раскази, особено од мошне развиеното јазично чувство кај повеќето од раскажувачите што се јавија на овој конкурс.
На конкурсот пристигнаа 73 пликoви со вкупно 75 раскази, а во потесен избор беше и расказот под шифрата „Билјанини извори“.
Авторот на наградениот расказ треба најдоцна до 11 август да се јави во Одделението за култура на Општина Охрид за докажување на авторството со четвртиот примерок. Наградата на авторот ќе му биде врачена на традиционалната манифестација „Вечер на Живко Чинго“ на 13 август.