Лицата со оштетен слух и глувите лица комуницираат на многу начини, преку знаковен јазик, читање од усни, слушни помагала итн. Меѓутоа користењето слушни помагала и кохлеарни импланти може да биде многу скапо. Во меѓувреме, читањето од усни бара гледање во говорникот. „ТранскрајбГлас“ е одговорот за удобен помошен технолошки уред за глуви, наглуви, постари лица и други лица што сакаат да го подобрат своето разбирање на говорната комуникација користејќи титли. Овој стартап основан од студентска двојка од универзитетите „Стенфорд“ и „Јејл“ создава нов начин за сите да се приклучат на разговорот.
Извршниот директор и коосновач Махав Лавакаре бил инспириран да истражува нови начини на комуникација кога неговиот другар од средно училиште го напуштил училиштето поради проблеми со комуникацијата.
– Зошто не постои нешто што би можело да му помогне на мојот пријател да учествува во разговори во нормална средина? Очигледно, недостигаше технолошка нишка што скапите решенија како слушни помагала и импланти, кои не се ефикасни за секого, не можеа да ја пополнат – вели Лавакаре во изјава за „Стенфорд дејли“.
Работејќи со колегата коосновач Том Прицки, Лавакаре почна да произведува прототипови и на крајот обезбеди тестери од индиската Национална асоцијација на глуви и други заедници на глуви лица. Тој откри дека како тинејџер што се обидувал да привлече инвеститори во проширената реалност (АР) се соочил со многу пречки.
Но во 2020 година, тој обезбеди поддршка од Индискиот институт за технологија во Делхи и финансирање од индиската и од американската влада. Во 2021 година, Том Прицки стана коосновач.
– Навистина сакам преводи за филмови. Мислев дека би било фантастично да ги имам во реалниот живот – изјави Прицки за училишниот весник.
Производот е врска помеѓу достапните конвертори од говор во текст како што се Оттер.аи или Гугл лив транскрајб и едноставните очила. Производот прима блутут-пораки од уредите со титли и ги конвертира овие пораки во проекции за проширена реалност (АР) во очилата. Корисникот може да ја промени големината на текстот за да одговара на сцената, пишува „Мај модернмет“.
Оваа технологија може да им овозможи на луѓето што се глуви или на лицата со оштетен слух да гледаат каде сакаат додека сè уште комуницираат. Може да помогне и во средини што може да ги збунат дури и слушните помагала, како што се преполните простории.