Нега и убавина
Војвотката од Сасекс му ја препушта секојдневната нега на косата на фризерот Џорџ Нортвуд, познат стилист, кој стои зад голем број познати фризури, а меѓу другото соработува и со „Вог“. За познатиот магазин, тој неодамна откри некои совети за убава коса.
– Ако косата ја сушите природно, важно е да користите вистински производи, но и да се придржувате до некои правила. Потрудете се да ја извлечете целата влажност од косата, а потоа лесно расчешлајте ја. Ако ви е кадрава, ставете специјална крема за кадрици и оставете ја природно да се исуши. Кога ќе биде сосема сува, ставете некое средство за стилизирање и поминете со прстите низ косата – објаснува Нортвуд.
Кога станува збор за миењето, според него, повеќето луѓе не ја мијат целосно косата, па кога е сува, таа не е сјајна. Со првото шампонирање се отстранува нечистотијата, а со второто всушност започнува миењето.
Нортвуд советува да не се користи големо количество шампон при миењето.
– Долгото миење на косата не значи дека треба да користиме повеќе шампон. Поентата е во долго измивање. Најдобро е косата да се мие на неколку дена, а ако има потреба почесто, користете сув шампон – вели тој.
Џорџ советува убаво да се исцеди косата пред ставањето регенератор или да се стави само на краевите, додека оние што имаат тенко влакно не треба да користат регенератор.