Медицински совет
Одењето на плажа е вистинска можност за одмор од напорната работа и многубројните обврски, но и да се одморите од секојдневното шминкање. На вашето лице ќе му годи да дише, но тоа не значи дека морате сосема да се откажете од шминката.
Шминката на многу жени им дава сигурност, но не заборавајте дека ако се шминкате за на плажа тоа треба да се сведе на разумна мера и со водоотпорна шминка. Ако веќе мора да имате шминка на вас, одлучете се за изглед без пудра. Наместо неа, нанесете крем за сончање со висок заштитен фактор. Ставете малку сјај или балсам и водоотпорна маскара. На потемнетата кожа добро прилега бронзер или некое кремасто руменило.
За оние што не можат да се откажат од тушот за очи, во лето тој може да биде во боја наместо црн. И секако, водоотпорен, како и маскарата.
Усните се многу чувствителни, па затоа преку ден користете балсам со заштитен фактор. За да им обезбедите целодневна мекост, на плажа задолжително понесете го омилениот балсам. Изберете го оној во боја што обично го избирате кога купувате кармин.
Вечерното излегување е сосема друга приказна, тогаш слободно може безбедно да ги користите сенките за очи, и тоа оние со светла боја, кои потсетуваат на лето и овозможуваат многу експериментирање. Одлучете се за кремаста текстура, бидејќи таа е постојана и поефикасна во топло време.