Медицински совет
Леукемијата е еден од видови на рак што најчесто се дијагностицира кај децата, а кај возрасните најчесто се дијагностицира на возраст од 65 до 74 години. Постојат две основни поделби – акутна и хронична леукемија. Најчести облици на леукемија кај луѓето се: акутна лимфоцитна, акутна миелогена, хронична лимфоцитна и хронична миелогена леукемија.
Џејми Копривникар, доктор од Медицинскиот центар на универзитетот „Хакенсак“, вели дека луѓето обично дознаваат дека имаат леукемија по тест на крвта. Меѓутоа би било подобро да се обрне внимание на некои симптоми што укажуваат на оваа состојба.
Раните симптоми на леукемија се доста препознатливи, и тоа: отежнато дишење, замор, треска, ноќно потење, нагло губење на тежината и апетитот, болки во коските, модринки и крвавење, но потребно е да се обрне посебно внимание на главоболката, невообичаени болки во стомакот и мали црвени дамки на кожата.
Иако нивното појавување често се поврзува со радиоактивно зрачење, разни хемикалии, вируси и генетски болести, сè уште не се знае точно кои фактори влијаат на веројатноста личноста да добие леукемија. Сепак, таа е почеста кај луѓето што веќе биле подложени на некои видови хемотерапија или зрачење во лекувањето на други малигни заболувања.