Јани Бојаџи, режисер и сценарист

„Кино Љубов“ е интересна приказна раскажана со голема умешност, а низ малку кадри. По проекциите во повеќе земји и учеството на многу фестивали, филмот имаше и скопска премиера. Ова остварување е продуцирано од Јани Бојаџи и Дејан Милошевски, а сценарист и режисер е Јани Бојаџи. Филмот е независен и е снимен без финансиска подршка од Агенцијата за филм и од Министерството за култура, во продукција на „Синемон медија фактори“ и „Револушн“. Сниман е за време на епидемијата во Скопје.

Велите „Кино Љубов“ е вивисекција на животот на уметниците денес… Каков е животот на актуелните уметници низ вашата призма?
– Во Македонија во принцип има два вида уметници. Првите се оние што не создаваат своја уметност, туку изведуваат или покажуваат туѓа, живеат во конформизмот на времето како мали буржуи, главно како вработени во државни институции или со помош на грантови од државата или други фондови, каде што се исполнуваат нарачки на теми, содржини и форми. Тука секако има исклучоци, но ние сега зборуваме за правилото. Вторите се оние уметници што живеат и создаваат на таканаречениот пазар на уметност и култура. Тие се борци за преживување и живеат во материјална беда, но во краен случај создаваат уметност. Создаваат дела. Подобри или полоши. Повозвишени и пониски. Но во секој случај тие создаваат нешто. Мојата призма е кон овие вторите. Мене ме интересираат работници, борци во уметноста. Јас себеси се доживувам како мајстор во мала занаетчиска работилница. За мене филмот е занает со кој голем дел од крајниот производ мора да изработувам самиот. Најчесто со голи раце, без калапи и без машини. И знам дека поради тоа што во последните седум-осум години сум надвор од светот на индустријата за филм, каде што уметноста се прави на фабричка лента и производите изгледаат совршено по нивната форма, јас мора да создавам како занаетчија во дуќан. Сам пишувам, сам режирам, сам монтирам, сам работам со актери, сам продуцирам, сам разнесувам светло, помагам во кетерингот, возам, работам сѐ што е потребно за да се направи тоа нешто, што во секој случај е несовршено. Но е уникатно и направено со љубов. Така морам. Немам избор. За мене уметноста е љубов, борба и аргатска работа.

Се потпишувате и на сценариото, како се склопуваа дијалозите и какви вистини сакавте да обелодените?
– Секогаш работам само по свои сценарија. Во принцип, тие што ме познаваат велат дека сум подобар сценарист од режисер. Некогаш тоа е така, некогаш не. Во „Кино Љубов“ дијалозите беа најлесната работа, од причина што се препишани од живиот живот. Голем дел од карактерите во „Кино Љубов“ имаат свои прототипови што реално живеат во мојот реален, жив живот. И не беше тешко од животот да ги пренесам во светот на уметноста. Уживав во тоа.

Што превагнува во филмот, вистината или фикцијата?
– Мојот професор Георги Дулгеров во еден разговор во врска со едно мое сценарио и моите дилеми како да продолжам да го пишувам, ми рече: „Кога ќе се најдеш на раскрсница помеѓу вистината и приказната, тргни по приказната, таму можеби ќе пронајдеш некоја вистина!“ Во суштина, мене вистината во овој занает не ме интересира. Вистината отсекогаш била преценета работа. Ако се занимавате со уметност, особено со синкретичка уметност, тогаш вистината не е добар материјал за работа. Мене во филмот ме интересира приказната, фикцијата. Во принцип, повеќе сакам да знам како нешто ќе се случи, а не што ќе се случи.

Живееме во едно чудно време, кога најголемите човечки доблести помалку се ценат, дури знаат и да се обезвреднат. Дали навистина љубовта може да го спаси светот?
– Светот денес не може да живее според таа идеја на Фјодор Достоевски за тоа дека убавината ќе го спаси светот, а сега изместена како љубов што ќе го спаси светот, од причина што убавината и љубовта денес се доживуваат како грев. Да се биде убав или да се има љубов, денес е зло и неприфатлива состојба. Ние сме до таа мера излезени од сите колосеци што мислам дека ќе ни требаат неколку десетлетија за да се вратиме на идејата дека воопшто ни треба некаков колосек, некаков пат по кој ќе се движиме во животот. Имам чувство дека многу наивно наседнавме на приказната дека не ни треба никаков колосек, а со тоа и никаква љубов. Љубовта во суштина е колосек, пат по кој мора да се движиш. Ако излезеш од патот на љубовта, на едниот крај те чека смртта, а на другиот омразата. Дали љубовта може да го спаси светот? Што ни преостанува освен љубов? Смрт или омраза. Јас избирам љубов.

Филмот дава одговор на прашањето како да се зачуваме самите себеси и нашите семејства. Како да изградиме имунитет против токсичното секојдневие?
– Филмот зборува за една мала заедница, во која преку распадот на бракот и семејството разбираме како се случува општ распад на светот, таков каков што го знаевме до скоро. Филмот се случува во време на корона, како некаков меѓусвет. Некакво меѓувреме пред стариот и новиот свет, кој веќе е дојден. Како да се зачуваме себеси и нашите семејства? Како ќе се живее во насилство, во меѓусебна омраза? Како да изградиме имунитет кон омразата и насилството? Со љубов. Тоа е рецептот. Прво да почнеме да се сакаме себеси, па најблиските, а на крајот и целиот свет. Но идеализмот и алтруизмот, дури и „велтшмерцот“ како општа тага за светот, излезот го нудат прво кон љубовта кон самиот себеси. Мислам дека рецептот е во тоа да почнеме прво да се сакаме самите себеси.

Приказната е раскажана во десет кадри, со што по својата форма тоа е прв македонски филм направен во стилот познат како уан тејк. За каков стил станува збор?
– Станува збор за стил што вообичаено во светот на филмот се доживува како предизвик не само во оној дел што може да се сфати како уметност туку и како предизвик што во суштина е технолошки. Да се снима филм во стилот уан тејк е форма, модел, рамка во која сите мора да се согласат на општ компромис во име на општата идеја да не се прекинува дејството во своето логично траење како филмско време. Во секој случај, станува збор за лудост што не знам дали уште еднаш би ја направил во животот?! Заради себе си и заради моите соработници. Ова беше лудост! Нема поарен збор за оваа работа.

Филмот бележи солиден фестивалски успех. Какви критики собра „Кино Љубов“?
– „Кино Љубов“ е филм без државна подршка, што априори значи дека сте надвор од европската мрежа на продукции и фестивали. Кога вие немате поддршка од вашата земја, зошто по ѓаволите би ве поддржал некој во странство? Да не се лажеме, како и сѐ друго, и филмот е производ за на пазар. Секако, филмот е производ за на пазарот на уметности, но тоа сепак е пазар. Во такви околности, кога фестивалите се претворени во пазар на филмови, вие да им продадете нешто што е правено надвор од мрежата на пазари е бескрајно тешка работа. Но „тешка работа“ е нашето име во овие седум години политички прогон. Е, во такви околности поминавме петнаесетина фестивали, на три континенти, со учество во официјални селекции и панорами. И секаде имаме публика што ја препознава љубовта со која е правен филмот. И на таа љубов враќа со љубов. Критиките се главно позитивни, а награди сѐ уште немаме. Но, ги очекуваме. И кога ќе се собере сѐ, „Кино Љубов“ е филм што е втор оваа година по бројот на фестивалски претставувања надвор од Македонија. Тоа е така затоа што она што го правите со љубов не може а да не ви врати со љубов. За мене филмот е живо суштество. Битие што живее со мене, во мене, не паралелно, туку во исто време со мене самиот. Ако вие на тој друг во вас му давате љубов, тогаш и тој ќе ве љуби вас. Да живееш живот во љубов со нешто што е битие составено од твојата љубов е навистина крајната смисла на идејата за тоа дека љубовта е спасение и за овој и за сите други светови. Какви и да се, кај и да се.