Издавачи од Словенија, Португалија и од Баскија присуствуваа во Скопје по покана од македонската издавачка куќа „Сказнувалка“ во рамките на проектот „ГГ4А – иновативна интеркултурална платформа за промоција на читањето“. Целта на овој проект е поттикнување на читателските навики кај младата публика преку издавање квалитетна и примамлива литература, преку гејмификација и читателски натпревар во кој ќе учествуваат тимови од општинските основни училишта и од јавните библиотеки и преку видеа и совети за креативно пишување. Овој концепт претставува нов пристап во промоцијата на литература за деца и млади, кој веќе осум години се применува во Словенија и дава извонредни резултати. Успешноста на пристапот е еден од главните мотиви проектот да се интернационализира.
Во рамките на посетата, издавачите се сретнаа со претставници од градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје и разговараа за продлабочување на соработката на библиотеките и издавачите во заедничката борба за поттикнување на читателските навики. Една од идеите во оваа насока беше воведување гејмификација во промоцијата на убавата книжевност кај младите, за што библиотеката има сертифицирани стручни лица.
Исто така беа одржани два настана во две скопски книжарница. Во книжарницата „Чудна шума“ се одржа обука за водење креативни работилници за промоција на литература за млади и поттикнување на читателските навики и љубов кон убавата литература.
Во кафе-книжарницата „Буква“ беа промовирани баскиската и португалската книжевност за деца и млади од страна на видни издавачи и автори. На настанот беа присутни домашни издавачи и вљубеници во книжевноста. На публиката директно ѝ се обратија Идоја Нобле од издавачката куќа „Алберданија“ од Баскија и португалскиот писател за деца Жоао Мануел Рибеиро и уредник во „Тринте пор уна лиња“. Тоа беше ретка можност на домашната читателска јавност да ѝ бидат претставени две кај нас малку познати книжевности.
– Искрено веруваме дека соработката помеѓу различните сегменти на книжевната економија е влог во подобро општество – изјави уредничката во „Сказнувалка“, Искра Димковска. С.Ј.