Сјајниот кодекс на бисерната обетка

Деновиве ја гледав повторно љубовната мелодрама „Девојката со бисерна обетка“ во режија на Питер Вебер, каде што главната ролја ѝ е доделена на данската супермегаѕвезда Скарлет Јохансон, која уште како дебитантка покажува неоспорен талент во улогата на слугинката, и Колин Фирт како Вермер во едно од своите можеби најблескави изданија.
Градот Делфт го носи името по славниот сликар; иако не располагаме со точни информации за неговиот приватен живот, вреди да се напомене имал дури 14 деца, а први сигнали за уметност пројавува во ателјето на татко си, кој освен што бил солиден цртач, не заостанувал ни во трговијата со уметнички дела. Но да не се оддалечуваме од темата, туку да почнеме да ја разоткриваме енигмата што ја носи во себе „Девојката со бисерна обетка“. Веројатно голем број мои колеги ова дело го сметаат за едно од најзначајните во историјата на сликарството, а како и не кога флуидна нишка Вермер (про)наоѓа кај италијанскиот гениј, Караваџо. Оттука, кога ќе нурнеме во магичниот свет на сликата можеме да ја воочиме сталожената градација на кревкиот лик, кој е свртен кон нас, како сончев зрак да ја гали по лицето, плени со срнешките очи и млечниот тен на телото, во преден план се сочните усни, кои како да вшмукуваат амброзија, фино дефинираниот нос има свој благ тек, а од обетката отсјајува бисерна совршеност. Ниеден уметник така луцидно и слободно не го користел најскапиот пигмент во тоа време лапис лазули (природен ултрамарин) како Вермер, кој го практикувал кај „Девојката со бисерна обетка“ (во марамата), но го употребил и во „Млекарката“ (во здолништето) и во „Час по музика“ (во подот и столот). Ликовите во неговите слики се со претстави од милјеата, но и друштвените холандски односи. Честопати се појавуваат и ентериери, но секогаш перспективите се хируршки прецизни при вкрстувањата на линиите, кои во центарот создаваат една точка, која според Вермеровата теорија е непремостлив аксиом за сликарска калиграфија.

Во „Макро“ (Дрезден) е претставена природата на блудниот син, насликан со широки потези на хроматски валерски микс од цинобер, портокалова, сина и жолта боја, како и еден битен сегмент што треба да го нагласиме, а тоа е портретирањето на себеси во левиот агол, во опскурен тоналитет во стилот на големиот Рембрант. Се прашуваме многу подоцна дали каталонскиот ексцентрик Салвадор Дали себеси се насликал покрај огледалото на ист начин како што тоа го сторил Вермер во својата „Алегорија на сликарството“ (Виена).
Со својот ингениозен ум Вермер, познат по своите мали формати 40 Х 20 см, се смета дека има изработено околу 60 слики, но и гравури, иако некои научници сметаат дека сепак се само околу 40 дела. Пастелните бои на претставата на градот Делфт красат некои домашни збирки, но и прочуениот „Ријкмјузеум“ (Амстердам).
Имав среќа при посетата на „Лувр“ во Париз, и покрај получасовното талкање по музејските павилјони, сепак да го здогледам прекрасното дело „Астрономо“, едно од трите најзначајни ремек-дела од неговиот опус, кое ми остана во долго сеќавање. Авантурата наречена Вермер се ближи кон својот крај, а нам не ни останува ништо друго туку да му се восхитуваме на овој волшебно сјаен момент наречен „Девојката со бисерна обетка“ и да си посакаме што поскоро, во блиска иднина, да се приближиме до павилјонот на овој редок и уникатен раритет.

Александар Василевски