Почнува десеттото јубилејно издание на „Дрим шорт“

Десеттото јубилејно издание на фестивалот на краток филм „Дрим шорт“ ќе се одржи од 5 до 9 август во Струга. Главната програма на фестивалот ќе се одржи во Паркот на поезијата, додека другите настани се распределени во „ЕУ хаус Струга“, мезе-бар „Кингстон“ и кафе-бар „Дуќан“.
– Десет години пловиме. Имавме мирни утра каде што сѐ изгледаше можно, но имавме и бури што нѐ тестираа дали веруваме во она што го создаваме. Секој бран нѐ научи да пловиме подобро, секоја капка слеана во нашето езеро ни даде надеж и го направи езерото поголемо. Со многу љубов кон филмската уметност, секоја година заедно со публиката и нашите драги филмски пријатели стануваме еден мал брег каде што филмот станува дел од летото на Струга и дел од приказната на сите што поминале низ него. Секоја година ја боиме реалноста со малку убавина. Оваа година не славиме само јубилеј. Ги славиме сите капки слеани во ова наше езеро – секој автор, секој филм, секој гледач, секој волонтер. Ниту една приказна не се создава сама. Капка по капка – езеро – велат организаторите.
Специјални гости на јубилејното издание на фестивалот се двајца реномирани сценаристи, Пјер Хоџсон и Масимилијано Нардули, чија раскажувачка креативност е вградена во многу врвни дела на европската кинематографија.
Пјер и Масимилијано ќе одржат мастеркласови, каде што публиката ќе има можност да слушне приказни за тоа како се раскажуваат приказни, зошто е потребно многу време да се напише сценарио и како минатото ги обликува новите приказни.
– Секој филм од програмата е една мала капка што го создава потокот од мисијата што се слева во нашето езеро, Струга да стане град на филмот. Во текот на пет фестивалски дена, филмовите се поделени во пет натпреварувачки програми: меѓународна, регионална, национална, студентска и специјална програма „Соочување со минатото“ во соработка со „Про пис“ од Македонија. Жирито го сочинуваат меѓународни интернационални филмски уметници: Масимилијано Нардули, сценарист, Верица Недеска, актерка, Цанко Василев, продуцент, и Гледис Бица, режисер. Другата наша мисија, да дадеме простор за промоција на македонската кинематографија, на ова јубилејно издание ја реализираме со специјална програма „Студенти во фокус“, каде што ќе се прикажат уште шест македонски студентски филмови, а за нивната работа публиката и авторите ќе имаат можност да разговараат со актерот Никола Ристановски – се вели во најавата.
Во соработка со Амбасадата на Кралството Холандија, во рамките на програмата ќе се реализира „Холандска вечер“, каде што ќе се прикаже програма од пет кратки холандски филма, во селекција на соработниците од фестивалот „Гоу шортс“ и специјална ВР-програма на кратки филмови. И оваа година продолжува соработката со „Екосвест“, преку програмата „Свесно кино“.
Бидејќи ниту едно филмско искуство не е комплетно без музика, така и фестивалот не може без музичката оф-програма. Отворањето на фестивалот ќе биде проследено од концерт на Дина Јашари, додека третата вечер ќе настапи дуото „Антартик“, новиот проект на стружанецот во Белград, Илија Дуни, а вечерта ќе ја затвори Александар Гроздановски, познат како Херцел, со специјален диџеј-сет.