ФУДБАЛ
- Рекордни девет тима ќе ја почнат сезоната со нови тренери. Артета, назначен во декември 2019 година, сега е тренерот со најдолг стаж во лигата. Првпат од сезоната 1985/1986 најсилната лига на Англија ќе почне без Фергусон, Венгер, Мурињо, Клоп или Гвардиола, кои заедно освоија 26 од 34 титули, но и повеќе од тоа, тие обликуваа последователни генерации на англискиот фудбал
Девет клуба се подготвени да ја почнат сезоната на англиската фудбалска Премиер-лига со нов постојан тренер, најголем број досега за првото коло на највисоката фудбалска лига на Англија. Од Ливерпул и Манчестер сити до Њукасл и Челси, промените се случија во речиси половина од лигата. Така, сезоната на Премиер-лигата уште не е почната, но веќе е историска, пишува „Би-би-си“.
Ливерпул го назначи Андони Ираола откако Арне Слот беше отпуштен, а Манчестер сити се сврте кон Енцо Мареска по оставката на Пеп Гвардиола по престојот полн со трофеи. Челси го ангажира Чаби Алонсо откако заврши мандатот на Лиам Розениор, Борнмут го назначи Марко Роуз откако истече договорот на Андони Ираола, а Нотингем форест го ангажира Оливер Гласнер по отпуштањето на Витор Переира. Кристал палас се сврте кон Пјер Сејџ откако Гласнер замина на крајот од договорот, Фулам го назначи Алваро Арбелоа откако истече договорот на Марко Силва, а Ипсвич го ангажира Гари О’Нил за наследник на Киран Мекена, кој поднесе оставка. Се очекува Њукасл да го назначи и Матијас Џајсл откако Еди Хау се повлече, со што вкупниот број на клубови ќе достигне девет што ќе ја почнат сезоната со нов постојан тренер, пишува „Би-би-си“.
Претходниот рекорд беше во сезоната 2016/2017, кога осум клуба ја почнаа сезоната со нови кормилари. Тоа лето го вклучуваше доаѓањето на Гвардиола во Манчестер сити и назначувањето на Антонио Конте во Челси, при што Италијанецот Конте ја освои англиската титула во својата прва сезона. Пред тоа, седум клуба го сменија тренерот пред сезоната 1995/1996, а шест пред сезоната 2012/2013.
Микел Артета од актуелниот првак Арсенал, назначен за тренер во декември 2019 година, сега е тренерот со најдолг стаж во Премиер-лигата и покрај тоа што е на чело на тимот од Лондон помалку од седум години. Само Диего Симеоне од Атлетико Мадрид, кој го предводи шпанскиот тим од декември 2011 година, е на чело на клуб подолго во петте главни лиги во Европа, пишува „Би-би-си“.
Унаи Емери од Астон вила и Даниел Фарке од Лидс се со своите сегашни клубови повеќе од три сезони, а тренерот на Сандерленд, Реџис ле Бри, назначен во јули 2024 година, е четвртиот кормилар со најдолг стаж во Премиер-лигата.
Тренерот на Манчестер јунајтед, Мајкл Карик, илустрира колку брзо се промениле работите. Иако тој стана постојан тренер на клубот во мај, откако беше привремено на таа функција од јануари, само 10 тренери од Премиер-лигата се на функцијата подолго од него, пишува „Би-би-си“. Карик е, исто така, седмиот постојан тренер на Јунајтед откако сер Алекс Фергусон се пензионира во 2013 година.
Друга приказна сезонава ќе биде дали традиционалниот „напредок со нов тренер“ уште постои, а теоријата сугерира дека тимовите често уживаат во краткорочно подобрување по назначувањето нов главен тренер, потпомогнато од обновена мотивација, тактички измени и психолошко ресетирање, пишува „Би-би-си“. Сезонава концептот би можел да биде тестиран како никогаш досега.
Се очекува во првото коло сезонава да има три натпревари помеѓу клубови предводени од нови тренери, Фулам – Челси, Манчестер сити – Борнмут и Њукасл – Ливерпул. Почетокот на сезоната за Ливерпул е особено необичен. Првите шест дуела од Премиер-лигата на Ираола ќе бидат против тимови со нови постојани тренери, Њукасл, Нотингем форест, Ипсвич, Фулам, Борнмут и Манчестер сити.
Првпат од сезоната 1985/1986 најсилната лига на Англија ќе почне без Фергусон, Арсен Венгер, Жозе Мурињо, Јирген Клоп или Гвардиола како кормилари. Заедно тие освоија 26 од 34 титули во Премиер-лигата. Повеќе од тоа, тие обликуваа последователни генерации на англискиот фудбал. Неуморните тимови на Фергусон во Јунајтед го поставија стандардот во текот на годините на формирање на Премиер-лигата, пред Венгер да ги трансформира перцепциите за подготовка, спортска наука и исхрана во Арсенал. Мурињо воведе ново ниво на тактички прагматизам и психолошка војна, пресингот со висок интензитет на Клоп го преобликува Ливерпул, а позицискиот фудбал на Гвардиола создаде еден од најдоминантните тимови во историјата на англискиот фудбал, пишува „Би-би-си“.
Времето ќе покаже дали следната дефинирачка фигура ќе се појави веднаш. Но, со оглед на тоа што тренерите што обликуваа повеќе од три децении историја на Премиер-лигата сега не се во лигата, сезоната 2026/2027 означува почеток на ново поглавје, пишува „Би-би-си“. Н.М.































