Европа умира. Есхатолошка слика за цивилизацијата на запад, која толку многу ја обожава нашата политика и покрај сите пониженија од неа. Таа што нѐ ништи посебно интензивно од Берлинскиот конгрес 1878 наваму. Сега ние, драг читателу, зборуваме на темата во насловот со јазикот на поезијата, која говори за смртта на Европа заседната во Брисел. Романтичарите први и првин се побунија против нејзината технификација, како некој вид идна технолошка катастрофа за човекот, означена, според нив, уште со првиот свиреж на парната локомотива. Симболистите по нив, особено руските (Соловјов и Блок), отидоа подалеку и зборуваат за сеопшта цивилизациска и космичка катастрофа.
Сеедно. Но најголема поетска, како бомбата на Хирошима, која го разби идеализмот за колонизаторска ариевска Европа фрлијa eкспресионистите, кои јасно зборуваат за нејзините урнатини и нејзината смрт над чија пепел треба да никнат новиот цвет и човек на обновеното човештво. Тоа е поезија што говори, како што би рекол Киркегард, за егзистенцијалниот страв на човекот од цивилизацијата што е материјалистичка, лакома и го понижува животот. За илустрација на таквата ситуација ќе цитираме неколку стиха од песната „Берлин“ на сјајниот германски експресионист Георг Хајм: „Гробиштата за сиромаштијата зјапаат / Мртовците го посматраат црвеното распаѓање / од своите гробови. / Тоа годи како јако вино“.
Тоа веќе личи на опиеност од алузивната глетка на веќе мртвата цивилизација, посматрана во екстаза. Во таа смисла, пак, сега, драг читателу, поминуваме на словенечкиот експресионистички поет Сречко Косовел и на неговата антологиска песна „Екстаза на смртта“. Смртта позлатена како олтарна рамка на Европа. Еве: Сè е екстаза на смртта! / Златните столбови на Европа, / белите кубиња ‒ (сè е екстаза!) ‒ / сè тоне в усвитеното, црвено море: / сонцето заоѓа и со него се опива / илјада пати мртвиот европски човек. / ‒ Сè е екстаза, екстаза на смртта. //
Убава, о, убава ќе е смртта на Европа, / како раскошна кралица во злато / ќе легне в саркофаг на темните столетија, / ќе умре тивко, како кога би склопила / старата кралица златни очи. / ‒ Сè е екстаза, екстаза на смртта.
Морето ги поплавува полињата зелени, / морето на врелата вечерна крв, / и нема излез, нема, / додека не паднеме јас и ти, / додека не паднеме јас и сите, / додека не умреме под товарот на крвта. // Со златни зраци ќе блеска сонцето / на нас европските мртовци“.
Да. Разбра, драг читателу, за што станува збор, нели? За екстазата што се напојува од раскошната есхатолошка слика на смртта на Европа за која пишуваше и Крлежа, од Русите Достоевски, а од Србите владиката Велимировиќ. Парадоксално, пак, кај нас Македонците, кај современите македонски поети не сум сретнал таква „екстаза“ за смртта на Европа и по идентитетското убиство од неа, првин со нејзината нацифашистичка Лисабонска декларација 1991 како претслика на Преспанскиот договор 2018, кога наместо Европа, како што пее Сречко Косовел, нас нè ставија и закопаа во мртовечки ковчег со смртоносната придавка што ни ја прилепија СЕВЕРНА. Сепак јас не можев да го издржам тоа и испишав неколку книги со песни, настрана од моите колумни и есеи за смртта на Европа, чија морална смрт, имено, поетски сјајно ја дијагностицира и опеа пред повеќе од столетие нашиот народ во песната: „Европо блуднице вавилонска“. Песна што звучи како еден вид и библиско проклетство фрлено на неа, нешто слично на клетвите на старозаветниот пророк Еремија кон развратниците и неверниците што хулат на Бог. Чинам и јас бев во некоја смисла инспириран од поетскиот дух на нашиот народ во таа засекогаш актуелна, дури и по евентуалната смрт на таа цивилизација што направи толку многу помор низ светот, ништејќи дури и цели други цивилизации и култури. А меѓу нив спаѓа и македонската. Од многуте песни што ги имам напишано на темата смртта на Европа, сега ја одбирам песната „Европа умира“, објавена во мојата книга „Неискажливо“, издадена 2008, кога веќе на големо се подготвуваше од европскиот бриселски запад нашата идентитетска смрт.
Еве ја неа: „Европа умира во изобилство. / La belle epoque sans mersi. / Ѝ недостасува малку сиромаштија и болка / за да оздрави и да се причести / со радоста на исконот и длабочината. / Европа умира, на мртовечки носила / ја носат ангелите на смртта. / Распадната е сликата на светото, / не праќа веќе нигде знаци / царската опашка на паунот. // Во темни огледала, напукнати од болка, / плаче лицето на убавината на која ѝ беше / дадено на дар спасението на светот. / Европа умира во изобилство, / а толку сиромашна и гола. / Над бездната на ништото е сведната / но не она на Индусите што е / кон бескрајот отворен лотосов цвет, / во кој седнал крснозе Создателот и пее. / Европа умира во изобилство. Солзите на едно дете од Африка, / престорено во леб за причесна, / ги мијат нејзините рамнодушни брегови / и тоа е знак дека доаѓа потоп / што ќе ги испере распаѓањето и гревот. // Европа умира и гасне светот / што беше Дух и Света Книга. / станува пепел / она што беше небесен дар и злато. / и утеха е само мислата дека / од таа пепел ќе никне ново цвеќе, / искачено врз урнатините благословени / врз кои веќе пее Новиот човек. / Европа умира во изобилство / а толку сиромашна и гола. // Распадната е сликата на светото / и ништо не е поважно од прашањето, / кој ќе се помоли за спас / на Содом и на Гомор сега. / Има ли, како во светото писмо тогаш, / јунак како Лот што може, клекнат / пред Господ повторно исправен да биде / и да измоли проштевање, / пред да замине на пат во светото, / советуван од Небото да не се врти назад“.
Така стојат работите, драг читателу. Европа е таа, која посебно од Букурешт 1913 наваму, ништејќи го и физички (двете Балкански војни и Првата светска, а потоа и бомбардирањето на Македонците во Егејска Македонија со напалм бомби од англиските бомбардери) и идентитетски од македонскиот народ направи, како што би рекол Блаже Конески „смачкано племе“. Посмачкано и не може да биде. Тоа е ариевската цивилизација што е способна да смачкува и цели континенти што го стори впрочем тоа и со нејзината речиси робовладетелска колонизација на Африка. А тука се од неа уништени во Јужна и Северна Америка цивилизациите на Маите, Ацтеките, Инките, Толтеците и Индијанците.
Сепак, тука има и еден парадокс, дека, имено, тие цивилизации што колонизаторска ариевска Европа полесно и побрзо ги уништила од Македонија и Македонците со кои се изнамачи и сè уште се мачи да го стори тоа. Нивниот идентитет и со укинувањето со декрет од Брисел и Вашингтон на нашата меморија, Македонците на свој генетски начин го оспоруваат со својот автентичен пронајдок за тоа: свадбите, свирките, песните и ората. И, се разбира, со македонските љубовници чиј господов бакнеж е полн со пород, влечејќи го од иднина новото и неуништливо во својот искон и автентичност поколение Македонци. Не безимени, северни како што го смисли тоа за да нѐ обезличи и обезимени Европа.
Да, драг читателу, оти Македонија е нешто слично како сликата на Бог во визијата на Свети Августин. Тоа е според католичкиот светец сликата на светот во кој нема периферија и сè е центар, бидејќи, како што вели тој, „Во сè е Бог, и сè е во Бог“. По таква аналогија е приближно и сликата на Македонија и Македонците во оваа безбожна цивилизација, која тие ја осветуваат и осветлуваат неа уште од доаѓањето на апостол Павле кај нас. Така, а тој македонски Божји центар за кој зборуваме се наоѓа и во бакнежот на македонските љубовници, осветлен и благословен од Бог да го множи и чува да не згасне македонскиот пород, кој уште од антиката наваму ѝ дал многу културно-цивилизациски дарови, имено, токму на цивилизацијата што го ништи безмилосно ‒ Европа.
Да. Затоа и мислам, драг читателу, како епилог нашата денешна колумна да ја привршиме и завршиме со песната „Бакнеж“, објавена во мојата најнова поетска книга „Missa solemnis“, или нашински „Сончева литургија“. Некои ја преведуваат како „Свечена песна“, како што е тоа и кај Бетовен во неговата истоимена екстатична музичка композиција. Сеедно, таа песна, драг читателу, може да се чита и како некој вид химна чиј литургиски сончев глас е искачен и пее над урнатините на Европа. Европа, која не се опамети ни по двете светски војни што ги произведе и го втурна во нив во смрт целиот свет. Танатосна Европа, која не се откажала ни од третата светска катастрофа. Но тоа ќе биде веќе Армагедон (или може и Армакедон), последната, како што е и во последната книга на Светото писмо претскажано, и конечната битка на Доброто и злото, на Христос и Антихристот. А се знае Македонците со кого се, за разлика од оние што ги ништат нив.
Но сега ние, како епилог на сè понапред кажаното одиме на песната химна, бакнежот на македонските љубовници што ја подготвува македонската свадба, песна, свирка и оро. Еве: „Само се прашувам што можат / да направат од нашиот бакнеж, мила, / древните мудреци и свештеници, / како можат да го зајакнат фитилот / на верата и мудроста, / а потоа до кај можат да се прошират / границите на простор-времето со него, / и како влијае на плимата на морињата / и на мислата на филозофите и поетите тој. //
Си мислам како може уште да ги искачи / повисоко науката и уметноста, / а потоа и како да ја обнови песната / на македонските славеи заклани / во грлото на Рацин и во Преспа 2018. / Мислам и како може да го спаси Емпедокле / застанат над кратерот на Етна / додека рига смрт и оган, / и како да го направи по катастрофата / на Македонците новиот распоред / на елементите во таблицата на Менделеев. //
Најпосле мислам и како можат да го искористат / како телескоп него пастирите во Халдеја / за да ги доведат под стреа на неолитот / Орион и Големата мечка / сосе целата сребрена икра на Млечниот пат, / и како може Нилс Бор во штотуку откриената / божја честичка на одухотворената материја / да ја вклопи од десната страна на Отецот, / до синот, и македонската честичка. //
Тоа си мислам, и уште како може Тесла / да направи од нашиот бакнеж ново динамо / и турбини што работат / хранети со електрицитетот не на Нијагара, / туку на македонските свадбарски песни / и ора, струјата на Бог, за да се осветли / темната ноќ во срцето на човекот. //
А потоа мислам како и Ајнштајн ќе го земе / него како детерминанта на неговата / теорија на релативитетот и ќе го вгради / во нејзината огнена равенка, космичка елипса. / И мислам низ колку уште битни нешта / тече струјата на нашиот огнен бакнеж. Мислам и како го приклучиле на него / талентот Микеланџело и Роден, / знаејќи за неговата моќ уште пред да се родиме. / Како го приклучил него и Ван Гог во чии спирали и елипси / гори првиот огин запален во ноќта / по изгонот на Адам и Ева од рајот. / Гори како Големата афирмација, / полна со електроните на Воскресението, / ламбата со која како Исус чекори храбро / низ смртта Новиот човек подрака / со нејзината сестра близначка Бесмртноста“.
Така, драг читателу. Се подразбира: сестрата близначка на смртта Бесмртноста за Македонија и Македонците, а онаа другата за Европа што нè, штом, танатосна, така сака таа. Оти и во Светото писмо, драг читателу, стои дека Македонците не ги зачнал меѓу народите Бог за смрт, туку за Бесмртност. За вeчен живот од претпостоењето, па до свршетокот на светот кога Отецот, како што вели и Исус, ќе создаде Ново небо и Нова земја, а од десната негова страна заедно со синот ќе бидат и Македонците. Амин!































