Кога работниот ден никогаш не завршува

  • Мажите во Македонија поминуваат 18 пати помалку време од жените во извршување домашни обврски и грижа за семејството. Околу 45 проценти од работоспособните, но неактивни жени не бараат вработување поради домашни обврски и обврски поврзани со грижа. Жално е што и децении подоцна феминизмот, кој ги подразбира сите политички движења, кругови и ситуации во кои се произведувала идејата за еднаквост меѓу половите, не успеа докрај во своите цели. Денес во голема мера женските права се освоени, жените се еманципирани, но можеби она што претстои е еманципација на мажите

Со векови конзервативните идеи за „природата на жените“ (жената насочувана од емоциите, а не од разумот) се употребувани за исклучување на жените од многу области на општествениот живот. Се претпоставувало дека жените инстинктивно се склони кон домот и мајчинството. Кон крајот на 18 век, Мери Волстоункрафт ја започнала феминистичката традиција на спорење со биолошките теории за женската природа. Феминистките што пишуваат во рамките на оваа традиција инсистираат на ставот дека жените и мажите имаат една заедничка човечка природа. Тие тврдат дека домаќинството и мајчинството се научени улоги и дека женскоста и машкоста се ефекти на културата, а не на природата. Сепак, тие не успеваат да извршат влијание врз промена на долго таложените стереотипи, па жените остануваат невидливи во многу општествени сфери и професии.
Тоа го потврдува и ставот на Светлана Слапшак во нејзината многу популарна книга „Женски икони на 20 век“, каде што вели: „Феминистката сè уште е повеќе икона на иднината отколку икона на минатото“. Феминизам се сите политички движења, кругови и ситуации во кои се произведувала идејата за еднаквост меѓу половите, промоција на женските квалитети и славење на женскиот придонес во развојот на човечкиот род. Слапшaк укажува и на податоците на Организацијата на Обединетите нации (ООН), според кои, жените на планетата главно не поседуваат земја, но ја обработуваат; немаат капитал, но работат повеќе за помалку пари, особено кога ќе се земе предвид бесплатната работа, која во светската историја непогрешно се поистоветува со робовската работа; според бројноста, тие се мнозинство од избирачите, но несоодветно претставени во власта; имаат помал пристап до културните добра и медиумите, иако ликот на жените во тие области масовно се злоупотребува; просветните, здравствените и академски институции нудат многу помалку пропустливост за жените…

Темата за родовата еднаквост беше актуализирана неодамна на тркалезната маса „Бескрајната смена: Репродуктивен труд, домашна работа и мајчинство“, која се одржа во „Јуроп хаус“ во Струга. Еден од заклучоците на дискусијата е дека мажите во Македонија поминуваат 18 пати помалку време од жените во извршување домашни обврски и грижа за семејството. Во фокусот на дискусијата беше непрекинатата, но честопати невидлива „втора смена“ што многу жени ја продолжуваат во домот и по завршувањето на своите професионални обврски. Покрај физичката работа, учесничките зборуваа и за таканаречениот ментален товар – постојаното планирање, организирање и координирање на семејниот живот, грижата за децата и емоционалната поддршка на членовите на семејството. Беше посочено дека околу 45 проценти од работоспособните, но неактивни жени не бараат вработување поради домашни обврски и обврски поврзани со грижа, во споредба со само четири проценти од неактивните мажи. Овие бројки, како што беше нагласено, не се прашање на индивидуален избор, туку последица на длабоко вкоренети општествени очекувања и недоволно развиени јавни услуги за поддршка на семејствата.

Овие податоци укажуваат на сѐ уште присутните традиционални очекувања жената да остане главен носител на домашната грижа. Главната порака од тркалезната маса беше дека домашната работа, мајчинството и грижата не смеат да останат невидливи и непропорционално префрлени врз жените. Постигнувањето вистинска рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот бара промена не само во домот туку и во законите, институциите, локалните политики и општествените очекувања.
Жално е што децении подоцна феминизмот, кој ги подразбира сите политички движења, кругови и ситуации во кои се произведувала идејата за еднаквост меѓу половите, промоција на женските квалитети и славење на женскиот придонес во развојот на човечкиот род, не успеа докрај во своите цели. Денес во голема мера женските права се освоени, жените се еманципирани, но можеби она што претстои е еманципација на мажите.