Неделата на полскиот филм почнува денеска во Кинотеката на Македонија, во 20 часот, со проекција на филмот „ИО“, во режија на Јержи Сколимовски. Тоа е последниот филм на Сколимовски, легендата на полското и европското кино. Тој со овој филм покажува дека уште има што да каже. Тоа е еден од неговите најоригинални и визуелно најинвентивни филмови во неговата шеесетгодишна кариера. Филмот ја освои наградата од жирито на 75-то издание на Канскиот филмски фестивал и влезе во потесниот избор на наградата „оскар“ за најдобар странски филм во 2023 година.
На 7 декември, во 20 часот, ќе се емитува „Белези на идентификација“, дебитантски филм на прочуениот полски режисер Јержи Сколимовски, како и прв филм од циклусот за судбината на Анджеј Лешчиќ – млад чувствителен човек, изгубен во комунистичкото полско општество, кој очајнички бара излез од безнадежното и бесцелно секојдневие. За петок е закажан филмот „Бариера“, третиот филм на Јержи Сколимовски од 1966 г., во кој тој продолжува со својата опсесија со животите на младите луѓе во комунистичка Полска. Филмот е психолошка драма, чиј херој – еден млад модерен човек – се обидува да ги надмине бариерите во својот живот: возраста, парите, конвенциите и хиерархијата. В сабота проекција ќе има „Лесна победа“, во кој Сколимовски ја продолжува приказната за своето алтер его Анджеј Лешчиќ. Младиот Анджеј ги напушта студиите и доаѓа во мало гратче, каде што ја среќава својата поранешна соученичка Тереза, која сега е менаџерка во енергетската централа.
В недела, на 10 декември, ќе може да се погледне „Рацете горе“, четвртиот филм од серијата автобиографски филмови во кои познатиот полски режисер Јержи Сколимовски го игра своето алтер его Анджеј Лешчиќ.
С.Ј.