Фото: Вера Трифуновиќ

Моите понатамошни интересирања ги гледам токму во следните полиња на мислење, огромната желба да се уништат антропоцентризмот, патријархатот и капитализмот и сразмерно на тоа, огромниот страв дека нема да се случи тоа, вели Коканов

Димитрие Коканов, српски драмски автор

Димитрие Коканов е еден од најзначајните драмски автори на новата српска драма. Авторот со завиден број текстови изведувани на сцените низ Србија и добитник на Стериината награда за неговиот текст „Движење“ е еден од најгласните поборници на суштинското и релевантно третирање на театарската сцена како јавен простор за комуникација. Здравствената криза за неговиот незапирлив драмски талент е и инспирација, но и искуство што ги објективизира круцијалните проблеми во човековото живеење, а најмногу во театарската уметност.

Вашата драматургија се занимава со длабоките интимни трауми на луѓето на транзицијата. Каде е изворот на духовното недоразбирање на оваа почва?
– Пишувајќи текстови со цел тие да бидат изведени на сцената, секогаш тргнувам од прашањето на избор на кое како писател му го давам гласот да зборува во тој сценски, што значи јавен простор, а потоа и за што ќе зборува. Мислам дека е тоа прашање на општествена одговорност. Во таа смисла и ја избирам формата на текстот, која е пред сѐ во различни видови директен говор кон публиката, затоа што сметам дека за секој чин на изведба е важно пред сѐ да се формира и да се набљудува низ промислувањето на комуникацијата: изведувач – публика. Во најширока смисла тргнувам од школскиот проблем на антропоцентричноста на човештвото, ексклузивното доживување на човекот во однос на другите луѓе, а пред сѐ во однос на остатокот од природата, во чиј дел човекот би требало да се смета за рамноправен со сѐ што живее во неговото опкружување. За мене интимниот говор и промислувањето на сопствените позиции во природата, а потоа и во општеството е начин да преговараме интроспективно и авторефлексивно не само од емотивна туку и од поширока идеолошка позиција. Во моето писмо најдоминантни се полињата на говор обликувани со студиите на феминизмот и постхуманизмот. Интервенирањето со говор во животната реалност и нејзиното обликувањето низ јазикот е најинтегралниот аспект на занимавањето со текстот наменет за сценска изведба.
Вие сте драматичар чиј начин на мислење придвижи цел еден правец во српската драматургија, синтетизирајќи го тој раскажувачки начин на промислување со реализмот кого постмодерната одамна го оставила зад себе. Колку е оваа драматургија препознатлива и по својата порака и по својот артизам?
– Не би можел да кажам дека сум придвижил правец во што било, јас сум пред сѐ некој што се труди да го разбере контекстот во кој се наоѓа. Единствениот правец што можам да го придвижам е правецот на моето мислење и односот кон работата. Занимавањето со различните форми на сценскиот текст, отстапувањата од класичните форми на драмскиот текст во контекст на српскиот театар е зачестена појава. Неколку многу значајни авторки, кои со своите резултати му претходеле на моето писмо, како што се Маја Пелевиќ, Олга Димитриевиќ и Тања Шљивар, во регионот е Ивана Сајко, направија сериозни резултати во менувањето на формата на драмскиот текст, токму како и Горан Ферчец. По Лемановиот постдрамски театар и практиката на пишување како што се, на пример, текстовите на Елфриде Јелинек, сега во 21 век, навистина мора да зборуваме за постоењето и континуитетот на таквиот текст за сцена. Кога велите раскажувачки начин на мислење, тоа всушност повеќе има врска со идејата на процедурата на сценското изведување, која е впишана во формата на текстот. Свесни се одлуката и стратегијата со текстот да инсистирам на изведувањето во форма на „раскажување приказна“, а не во репрезентациите на настаните и односите, на тој начин и односот со кој се занимавам во текстот, како што кажав погоре, односот на изведувачот и публиката, а настанот е самиот миг на изведбата, односно воспоставувањето на тој однос.
Вашите досегашни пиеси се длабоко ангажирани и се однесуваат на болестите и траумите на денешницата, но вие повремено се занимавате и со српската традиција. Каде ги гледате вашите понатамошни инспирации?
– Мислам дека во првиот одговор дадов некакво објаснување во кои полиња може да се чита тој ангажман, секако дека дневнополитички теми не ме интересираат, многу повеќе ме интересира идејата за децентрирањето на човекот, а потесно идејата за децентрирањето на патријархатот. Секои понатамошни интересирања ги гледам токму во тие полиња на мислење: огромната желба да се уништат антропоцентризмот, патријархатот и капитализмот и сразмерно на тоа, огромниот страв дека нема да се случи тоа.
Европскиот театар е еднакво посветен на надоаѓачкиот минимализам со голем реалистичен предзнак, но и дистанцата на претходно споменатиот раскажувачки театар, дали театарот е за публиката или за интелектуалците?
– Па и интелектуалците се исто така публика. Многу е поголем проблемот колку тој поим публика, односно театарот е инклузивен за различни луѓе. Очигледно дека театарот е за луѓе, луѓето го измислиле за себе. Театарот е сепак сурово место што укажува на постоењето на привилегирани групи луѓе, тука мислам и на економски, не само на интелектуални привилегии. Верувам дека многу од нас се трудат, заради тоа што сме свесни дека сепак станува збор за мал број на човечка популација што го посетува театарот, тогаш да бидат одговорни во воспоставувањето на таа комуникација. Постојат луѓе што никогаш не биле во театар, не знаат што е театар и до таа мера се депривилегирани, што е театарот сигурно нешто за што не ни размислуваат. Значи публиката што доаѓа во театарот е веќе собир на привилегирани поединци, нели? Токму како и ние што работиме во театарот. И затоа верувам дека сите треба да ги освестиме тие позиции и со нив да мислиме што треба да биде и да работи театарот. Тоа мислење ми поаѓа од рака и се надевам дека ќе се одрази на мојата работа.
Живееме во време кога под изговорот за грижа за здравјето, публиката сѐ повеќе се оддалечува од театарот. Како вие, театарските уметници од Србија, се изборивте сцената да не остане пуста во овие напнати и тивки времиња?
– Пандемијата направи да размислиме темелно за различни навики. Секаде на планетата, во сите сектори. А сепак, сведоци сме дека без оглед на пандемијата и смртните исходи од неа, капитализмот сепак не се откажува од тоа да нѐ потсети дека ние луѓето сме се согласиле на идејата да живееме за да работиме. Веќе многу се зборуваше за односот кон театрите, кои се затворани, испразнети, додека попрофитабилните места беа континуирано полни (авиосообраќајот итн.)
Во Србија беше нагласена потребата на театарските работници да не дозволат театарот да се прогласи за неважен и да биде занемарен. Постоеја различни стратегии во работата, втемелени во желбата да се преброди кризата и да не се папса. Од тоа се создадоа бесплатните проекти за мали групи луѓе, преку смалувањето на бројот на капацитетот во салите, давање парична помош на оние што не се во постојан работен однос, постојани тестирања, безбедносни промени на условите на работа… Постоеја механизми и стратегии на институционалната работа. Желбата театарот да биде жив за време на кризата беше огромна. Она што е проблем насекаде, тоа е позицијата на колегите од независната сцена. Нивната работа беше и сѐ уште е во многу полоши позиции. Кога зборуваме за театарот, тој поим не смееме да го употребуваме само за да ја означиме архитектонската градба во која се изведуваат некои претстави, туку како поим со кој означуваме одредена уметничка практика. Затоа што постојат татарски уметници што работат надвор од тие градби. Значи, би било попрецизно да кажеме дека уметниците во полето на изведувачките уметности се борат и се снаоѓаат за да продолжат да работат и да преживеат од својата работа за време на траењето на пандемијата не само во Србија туку насекаде низ светот, како и во сите други дејности.
Вашиот стил и специфика е она што јас би го нарекол прогресивна, метаинтимистичка драматургија. Секако и постмодерната, која исто така нѐ напушта и широко ја отвори вратата на фрагментарноста во драмската постапка. Дали, според вас, сѐ уште е време на таа фрагментарност или е можеби на видик некој нов приод кон темите?
– Феноменот на драмските слики, фрагменти, не е ништо ново во практиката на пишувањето, било да е тоа некој наратив на патувањето, мозаичната драматургија на текстот итн. Напливот на различните изведувачки практики во театарот доведе до разградба на поимот на драмското, па тоа сосема природно се одрази и на формите на текстуалните предлошки. Идејата текстот да не е хиерархиски поставен на врвот во однос на остатокот од театарскиот јазик, туку да е рамноправен со сите други елементи е она што го менува обликот на текстот. Секако, не можеме да кажеме дека драмскиот текст е во криза. Затоа што во репертоарот на театарските институции класичниот драмски текст е и понатаму доминантен. Фрагментарната драматургија нужно не ја доведува во прашање позицијата на драмскиот текст. Проблемот на репрезентацијата е тема што сѐ повеќе ги мачи уметниците што работат на полето на изведувачките уметности, тоа е политичко прашање и мислам дека е исклучително важно, токму низ идејата на рушењето на хиерархијата, во одговарањето на прашањето кој има можност да го користи сценскиот простор како јавен простор на комуникација.

Автор: Сашо Огненовски