На летната киносцена на Кинотеката на Македонија месецов ќе бидат прикажани остварувања од нашата национална кинематографија, со постар, но и со понов датум на реализација. Ќе се прикаже филмот „Жед“ на легендарниот и филмски и театарски режисер Димитрие Османли. Тоа е втор долгометражен игран филм во продукција на „Филмско студио“ – Скопје и на дистрибутерската куќа „Македонија филм“. Еден од најугледните филмски критичари во светот, Роналд Холовеј, во специјалното издание на Кинотеката на Македонија вели дека станува збор за „пофален одговор“ на македонската кинематографија на интернационалниот успех на југословенскиот „црн бран“…
Не смее да се изостави ниту проекцијата на „Волча ноќ“, во режија на Франце Штиглиц и според сценарио на македонскиот писател Славко Јаневски. Токму ова остварување е вториот гран-филм во историјата на седмата уметност кај нас.
Во рамките на месечната понуда ќе се прикажат и квалитетните современи остварувања, како фестивалскиот миленик: „Исцелител“, „Домаќинство за почетници“, „Ругање со Христа“, „Балканкан“ и „Скопје ремикс“.
Средината на овој месец е резервирана за содржините селектирани од филмскиот фестивал „Синедејс“.
Репертоарската понуда се заокружува со прикажувањето на филмските материјали што се однесуваат на земјотресот што го зафати нашиот главен град во 1963 година, како и со промоцијата на „Македониум: Драматургија на недовршеното“, колаборативен филм на режисерката Теона Стругар Митевска и уметниците Христина Иваноска и Јане Чаловски, работен врз основа на истоимената книга на Иваноска и Чаловски, која се фокусира на приказната за „Македониум“, најистакнатиот меморијален комплекс изграден во социјалистичка Македонија.
– Токму оваа месечна понуда покажува дека нашата кинематографија има многу значајни дела, наслови што предизвикуваат своевиден земјотрес на емоции, на впечатоци. Пред сè, тие претставуваат извор на инспирација за помладите, а благопријатен флешбек за постарите кинопроследувачи – велат од Кинотеката.