Со настанот „Дијалог низ поезија“ во Охрид беше затворена 35. Поетска ноќ во Велестово. Во рамките на овој настан поетите учесници: Албан Туфа (Албанија), Павлина Атанасова (Македонија), Марија Костиќ (Србија) и Шпетим Селмани (Косово), најпрвo во гимназијата „Св. Климент Охридски“ одржаа работилница за креативно пишување и дијалог преку поетски препев наменета за млади, а подоцна се одржа и интернационално поетско читање во кафе-барот „Шила“ во Охрид.
Годинешното 35-то јубилејно издание на интернационалниот поетски фестивал Поетска ноќ во Велестово се одржa од 12 до 20 август на повеќе локации во Велестово, Охрид и во Слоештица, а учествуваа триесетина поети и уметници од девет земји и беше проследен од повеќе од шестотини гледачи.
Годинава во фокусот беше македонската поезија пишувана од жени и во таа насока централниот настан беше промоцијата на „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“, приредена од Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска. Во своето обраќање поетесата Лидија Димковска истакна дека тоа е книга што ќе ја обележи историјата на македонската книжевност, а големата значајност на настанот и на издавањето на оваа книга го истакна и поетесата Весна Ацевска. Во рамките на фестивалот беше отворена и изложбата „Минливост“ на уметникот Тони Попов во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велестово.
Во соработка со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид се одржа промоција и на „Ново раѓање на зборот: антологија на малата македонска поезија“ од приредувачите Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, како и интернационалното поетско читање „Поезија ‒ Залез“.
На овие настани им претходеше и откривањето на скулптурата „Раката на поетот“ од Никола Пијанманов, поставена на сретсело во Велестово, интернационалното поетско читање „Прелудиум“ во кафе-барот „Шила“ во Охрид и потпишувањето меморандум за соработка со „Арт поинт Гумно“, односно славењето на двата јубилеја: 35 години Поетска ноќ во Велестово и 20 години „Арт поинт Гумно“.