Скандинавските трилери со години ме оставаат без спиење, но сфатив дека јас повеќе сакам да пишувам за некласичнo добри и лоши ликови, вели Саша Богдан

Саша Богдан, македонска авторка

„Излез“ е насловен новиот роман на македонската авторка Саша Богдан, во издание на „Сакам книги“, како дел од едицијата „Наши, а светски“. Таа досега има издадено две книги, новелата „Здравица“ и романот „Коронтин“. Овој пат се претставува низ едно потенцијално филмско сценарио на трилер, преку кој домашната книжевна сцена излегува од својата комфорна зона на теми и идеи.

Какви се „собите за бегство“ во вашата глава и какво бегство нудат?
– Мојата глава е соба во која бегам од сѐ што се случува околу мене. За мене таа е прибежиште, без разлика дали внатре се случува драма, трилер, хорор или романтична комедија. Женскиот мозок сам по себе има тенденција сѐ да премота, да анализира, да се наврати, да констатира, да направи можни и невозможни проекции на што би било кога би било, но низ целиот тој процес да умее да донесе заклучок или да научи нешто сам за себе. Следствено, во него има „сигурна соба“, каде што можам да се скријам и да одморам, има „соба за кршење“, каде што можам да го извадам бесот, и има „соба за анализа“, каде што можам да изведам заклучок со информациите со кои располагам во моментот. Нормално, сето тоа може да се смени веќе наредниот ден доколку се вметнат нови информации во равенката.

Каква приказна е сместена меѓу кориците на „Излез“?
– Четворица протагонисти се затворени заедно во „соба за бегство“ од две причини, едната е затоа што овие соби функционираат на начин што бара тимски да се поврзат за да можат да ги решат загатките и да излезат, што само по себе е процес при кој на површина излегуваат карактерните особини на ликовите. Втората причина е што самиот затворен простор служи како каписла за разоткривање на внатрешните борби кај секого од нив и начините на кои тие се справуваат со личните предизвици и душевниот немир. Приказната е комплексна бидејќи се врти околу човечката способност за комуникација, адаптација и преживување.
Ликовите се луѓе со нетипичен развој, зошто решивте да влезете во „чевлите“ на овие луѓе?
– Фасцинантен ми е моментот како реагира човечкото тело во вакви ситуации и како на сметка на некое сетило што е неразвиено, другите сетила се развиваат до степен да го заменат. Изгледав голем број видеа како луѓето без раце се справуваат со секојдневни ситуации и се воодушевував од нивната досетливост и моторика. Неверојатно е колку звуци можат да распознаат слепите луѓе и како глувонемите развиваат посебни вештини да ги „читаат“ луѓето околу себе. Почнав да забележувам колку им е тешко на луѓето со инвалидитет да се движат надвор од домот и колку сите ние сме безобѕирни кога станува збор за овие групи на луѓе. Едноставно, сакав барем за момент да го свртам вниманието кон нив и да им ги доближам на читателите. Тие не се посебни поради својата состојба, тие се посебни поради вештините што ги поседуваат. Мене ме потсетуваат на суперхероите од „Марвел“.
Дали е комплексно да се напише дело од жанрот трилер?
– Кога ќе ме обземе некоја идеја, мојот мозок работи како цунами. По иницијалниот потрес, несигурно се повлекува не знаејќи од каде да почне, за момент подоцна да се излее со сета сила во сите насоки. Понекогаш работи толку брзо што само запишувам сѐ што се појавува за подоцна да ги систематизирам мислите. Веднаш почнувам со пишување и сѐ некако си доаѓа само по себе, ликовите си го градат карактерот, заплетот си се комплицира и решава, како да сум сведок на настани што се одвиваат пред мене. Се случува да запнам на некое место и да се разбудам среде ноќ со решение. Го живеам животот на моите ликови до последниот збор од делото, а потоа сум тажна што ги напуштам.
Зошто ве привлекува токму овој жанр?
– Иако читам различни книжевни жанрови, трилерите и мистериите ме привлекуваат за нијанса повеќе од другите (и историските драми се тука некаде), па оттука доаѓа и желбата да се испробам во овие жанрови. Скандинавските трилери со години ме оставаат без спиење, но сфатив дека јас повеќе сакам да пишувам за некласични добри и лоши ликови. Како што врви мојот животен век, согледувам дека во секого од нас има и нешто лошо и нешто добро, а што ќе преовлада честопати зависи од ситуацијата во која ќе се најдеме и моменталниот капацитет за резонирање. Постојат денови кога ништо не може да нѐ извади од кожа и денови кога избувнуваме за најмала ситница. Сето ова мене како автор ме возбудува и поттикнува да создавам нови приказни без ограничувања во просторот, времето и тематиката.