Романот првпат бил објавен на шпански јазик во 1982 година и за многу краток период станал интернационална сензација, издигнувајќи ја Изабел Аљенде во нова ѕвезда на книжевното небо, не само во шпанското јазично подрачје туку во целиот свет

Издавачката куќа „Антолог“ најавува дека наскоро ќе излезе од печат романот „Куќа на духови“ на Изабел Аљенде, книгата што обележи цела една деценија. Романот првпат бил објавен на шпански јазик во 1982 година и за многу краток период станал интернационална сензација, издигнувајќи ја Изабел Аљенде во нова ѕвезда на книжевното небо, не само во шпанското јазично подрачје туку во целиот свет. Во следните десетина години книгата доживеала неверојатни над 400 изданија на десетици различни јазици, како и филмска адаптација од 1993 година, со Џереми Ајронс, Мерил Стрип, Глен Клоуз, Винона Рајдер, Антонио Бандерас и Ванеса Редгрејв во главните улоги.
Денес книгата се смета за современ класик – своевидна сага за четири генерации на семејството Труеба, нивните драматични семејни односи, успеси и падови.
Авторката го комбинира натприродното со лична верзија на магичниот реализам создавајќи заплет во кој се испреплетуваат секојдневното и магичното, љубовта и револуцијата, личните идеали и суровата политичка реалност.
„Куќа на духови“ е прогласен за роман на годината во Чиле, а на Аљенде ѝ ја донел и националната награда „Панорама литерарио“. Таа е внука на поранешниот чилеански политичар Салвадор Аљенде, а „Куќа на духови“ започнала да ја пишува како писмо до својот стогодишен дедо во моментот кога дознала дека тој е на смртна постела. Романот е меѓу школските примери за магичен реализам и пишуван е под влијание на „Сто години самотија“ на Габриел Гарсија Маркес. Преводот е на Виолета Јагев, а книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура и спорт на Шпанија.
Изабел Аљенде (1942) е чилеанска писателка. Таа повеќе од триесет години била посветена на новинарството, социјалните активности и на правата на жените, од каде што црпела инспирација за своите дела, кои содржат аспекти од магичниот реализам. Споредувана е со Кафка и со Маркес. Во 2004 година е примена во Американската академија за уметности и книжевност, а во 2010 година ја добива Националната награда за литература на Чиле. Претседателот Барак Обама ѝ го доделува Претседателскиот медал на слободата во 2014 година. Живее во Калифорнија, САД. „Куќа на духови“ е втора нејзина книга во превод на македонски, по „Долга реса крај морето“.