Неверојатно е колку ние луѓето сме способни и умееме да живееме во конструирана реалност, сѐ додека таа ни овозможува некаков мир и не ни го нарушува статус квото, вели режисерката Венинова

Елеонора Венинова, режисерка

„Преекспонирано“, првиот игран филм на Елеонора Венинова, jа имаше својата македонска премиера на 27 април, а светската премиера беше во ноември, на Меѓународниот филмски фестивал во Каиро. Венинова е режисерка и сценаристка на филмот во кој улогите ги толкуваат Камка Тоциновски, Благој Веселинов, Сара Климоска и Марјан Наумов. Кинематограф е Лев Предан Коварски, музиката ја напиша Линдзи Рајт, сценографијата е на Срѓан Митровиќ, монтажата на Гоце Кралевски, а костимите на Жаклина Крстевска. Продуцент е Гоце Кралевски („Днф филмс“), а копродуцентка Мирјана Томиќ („Лилит“ – Србија). Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, Српскиот филмски центар и „Еуримаж“.

Жанровски е окарактеризиран како пасивно-агресивна драматуршка структура, а според вас каков филм е „Преекспонирано“?
– „Преекспонирано“ е камерен и интимен филм што ги истражува меѓусебните односи во една навидум сосем хармонична брачна двојка. Она што ме интересираше да го истражам преку филмот е комплексноста во интимните и љубовни врски, која произлегува главно од начинот на кој комуницираат, или не комуницираат, партнерите во таа врска.
За какви некажани работи зборува „Преекспонирано“, каква прашина има тенденција да извлече од под тепих?
– Сите ние имаме некои некажани нешта или тајни што ги сокриваме од другите од најразлични причини. Кога луѓето се наоѓаат во некоја интимна врска или брак, претпоставката е дека тие споделуваат многу нешта заедно или, ако прашате некои двојки, тие ќе ви кажат дека разговараат буквално за сѐ, но тоа најчесто не е точно. Таква двојка се и Ана и Филип во филмот, кои веруваат дека споделуваат сѐ меѓу себе, иако се свесни дека не е баш така. Токму ова самозалажување или во некои моменти и манипулација е она што ме интересира и во филмот, но и во вистинскиот живот. Неверојатно е колку ние луѓето сме способни и умееме да живееме во конструирана реалност, сѐ додека таа ни овозможува некаков мир и не ни го нарушува статус квото. Ми се чини дека луѓето се подготвени да прифатат години исполнети со емотивно страдање за да избегнат некоја непријатна вистина.
Се потпишувате и на режијата и на сценариото. За што ви беше важно да проговорите низ филмски дијалог?
– Она што ми беше важно е трите главни лика да бидат што е можно поавтентични и покомплетни, во смисла на нивното дејствување и мотивација. Сакав да создадам ликови со кои публиката ќе може да се поврзе, не во смисла да ги оправда, но во најмала рака да ги разбере или, ако сака, да ги осуди, да сфати зошто прават некои работи што можеби ги повредуваат другите. Сексуалноста е само една од темите што ги третира филмот и има различна улога кај различните ликови. Кај некого е мотив за дејствување, кај некого е катализатор за промени и преиспитување, како што е всушност и во вистинскиот живот.
Наспроти забраната за јавно прикажување во Каиро, колку сме отворени за контроверзни теми?
– Ова зависи од тоа со кого се споредуваме. Мислам дека во споредба со Египет и голем дел од арапските земји, ние како општество сме релативно отворени за контроверзни теми, но сѐ додека тие се отвораат во јавен простор што е ограничен на некоја целна група, а не и кога тие теми се отвораат и дискутираат во училиштата или во медиумите. Тоа придонесува само да се таложат фрустрации и да се задушуваат конфликтите, па по некое време да еруптираат во форма на кризи и тогаш се чудиме што нѐ снашло и како сме дошле до тоа. Ако се споредиме со голем дел од европските земји, за жал, нашето општество нема капацитет да се справи не само со контроверзни теми туку просто да прифати луѓе што се различни од она што е прифатено и пропагирано како „нормално“.
За какви се теми сѐ уште прошепотуваме наместо да зборуваме гласно?
– Има многу теми што се шепотат наместо да се дискутираат гласно. Не знам од каде да почнам. Кај нас сѐ уште е проблематично да се дискутира за семејно насилство, на пример, затоа што жртвите, кои најчесто се жени, не се осмелуваат да проговорат за тоа, знаејќи дека ќе бидат осудени од околината. Додајте ги на тоа врсничкото насилство и неволноста на родителите чии деца го извршуваат тоа насилство да се соочат со фактот дека нивните деца се насилници, и имате цели групи граѓани што просто одбиваат да зборуваат за проблеми што директно нѐ засегаат сите. Ние сѐ уште не може да зборуваме за правата на припадници на ЛГБТИ-заедницата да формираат семејство или цивилен брак затоа што од другата страна чекаат луѓе што се подготвени со оружје да го бранат т.н. традиционално семејство. Има уште многу теми што се премолчени и веројатно ќе бидат потребни илјадници филма за да ги истретираме сите.