Нека е честит и вечен Светскиот ден на слободата на печатот и медиумите

Денеска, 3 мај, е Светскиот ден на слободата на печатот и медиумите. И како што е вообичаено во вакви свечени пригоди, на самиот почеток од овој текст, честитајќи им го празникот на медиумите и новинарите, добро би било да се потсетиме дека Светскиот ден на слободата на медиумите се одбележува од 1993 година и секогаш на 3 мај. Овој ден е воспоставен врз основа на одлуката на Генералното собрание на Обединетите нации и по препорака на Генералното собрание на УНЕСКО од 1993 година.
Целта е да се промовира принципот на слобода на медиумите, да се истакне важноста на заштитата на медиумските слободи и борбата против сите форми на влијание врз медиумите, како и да се потсети на медиумските работници што ги загубија животите при вршење на својата работа.
Но овој ден е и (нај)добар момент и повод македонските новинари и медиумите самите, не притиснати од никого, ако не за пошироката јавност тогаш барем во себе, да размислат колку се тие слободни и независни.
Универзалната декларација за човекови права гласи: „Секој има право на слобода на мислење и изразување. Ова право вклучува слобода да се задржи мислењето без некој да се вмеша и да се даваат информации и идеи преку кој било медиум без оглед на тоа каде се наоѓа“.
Тоа што слободата на говорот и медиумите е впишана во највисокиот законски акт на државата, Уставот, не треба да нѐ залажува барем нас новинарите дека во Македонија, како што велат политичарите, има премногу слобода на печатот, медиумите или говорот.
Дали јавноста е свесна за еден нов тренд на властите во „државите на старите демократии“ каде што гости во Македонија промовираа принципи на „вистински вести наспроти лажните вести“, во кои „вистински вести се само оние што се совпаѓаат со политиките на властите (и на внатрешен и на надворешен план), а сѐ што е спротивно е дезинформација или лажна вест?!“

Според оваа логика на еден странски експерт што неодамна го промовираше овој нов однос кон медиумите во Македонија и кон уредувачките политики на македонските медиуми, тоа ќе значи дека „ако нешто се напише, а тоа да е спротивно на генералната меѓународна заложба дека Македонија мора да го промени Уставот, тогаш нема зошто тоа да не се смета за дезинформација или лажна вест бидејќи ги попречува ’демократските‘ процеси на државата“?! Произлегува дека само она што ќе го кажат мејнстрим-центрите е вистина и единствена исправна политика, додека сè друго е пропаганда, дезинформација и лажна вест!? Слободата на говорот и медиумите не е еднаш и засекогаш дадена и за неа секој еден новинар и медиум треба да се избори. И тоа не само еднаш, туку секој ден, со секој објавен или необјавен текст, со секоја (за)дадена или одбрана тема, со секоја вест, емисија, интервју, осврт, коментар.
Познатиот француски просветителски писател, историчар и филозоф Франсоа Волтер, познат по неговото застапување за граѓанска слобода, кој има напишано повеќе од 20.000 писма и повеќе од 2.000 книги и памфлети, инаку гласен поддржувач на општествените реформи, има речено: „Јас не се согласувам со она што го велиш, но ќе го бранам до смрт твоето право да го кажеш тоа“.
Но примената на неговите зборови не се случува по автоматизам, туку бара безбедна средина за дијалог каде што сите ќе може да зборуваат слободно и отворено без страв од репресија.
Во времето на т.н. „едноумие“ искусните новинари знаеја честопати да кажат дека новинарството е вечна борба не само за слободно изразување и пишување за актуелните состојба туку и за свое ослободување. Тогаш, иако државата ги покриваше сите трошоци за нормалното функционирање на медиумите и платите на вработените, слободоумните новинари и редакции имаа храброст да им се спротивстават на „едноумните“ власти и да им речат дека не секогаш големата риба ја јаде малата. Токму желбата слободно и непристрасно да се пишува за одредени состојби, проблеми, појави, активности, злоупотреби во околината и државата натерала голем број новинари да се занимаваат со новинарската професија, која во блиското минато по тежината беше споредувана со рударската професија.
Неслободни новинари не можат да се изборат за слободно и професионално новинарство. Треба човек да е најпрво самиот (о)слободен, па да може да пишува слободно. Не може неслободен човек или новинар со заробен ум да се (из)бори за слобода.

Но слободата во медиумите не подразбира непрофесионалност и неодговорност.
Јавно напишаниот или изречен збор има огромна тежина, која знае да предизвика тешки трауми или последици кај некого. За разлика од голем број јавни личности што во меѓусебната политичка пресметка си дозволуваат да даваат разноразни (не)одмерени изјави, критики, обвиненија, етикетирања… новинарите се тие што треба добро да одмерат што ќе пласираат во јавноста и што ќе објават. Притоа, секогаш приоритет треба да имаат вистината и аргументираноста.
Кај нас во последно време, особено со дигитализацијата и појавата на социјалните мрежи, сите станаа новинари и уредници. Некои дури станаа и сопственици, но најчесто не се знае кој каква функција извршува.
Новинарството, за жал, во последно време стана професија што секој може да ја работи. За неа не треба ни образование, ни диплома, ни лиценца. Секој што има „паметен“ телефон денес е „новинар“.
Како резултат на тоа, на социјалните мрежи се објавува сѐ и сешто, при што, за жал, најчесто доминираат лажните вести. Во трката за лајкови, без да се проверат вестите, се лепат голем број портали.
Деновиве случајот со еден портал што објави лажна вест дека во Битола повторно починало новороденче ја вознемири јавноста. Иронијата да биде поголема на истата „вест“, без да ја проверат, се налепија и голем број т.н. „професионални“ портали. Никој не се сети да ја провери информацијата.
„Копи-пејст новинарството“ кај нас во последно време зема сѐ поголем замав.
Иако се наоѓаат во најтешка ситуација, поради високите печатарски трошоци и многубројните редакции, печатените медиуми сѐ уште ги задржуваат професионалните стандарди, каде што покрај за новинарскиот кадар, се води сметка за секоја вест, која најпрво мора да се напише на чист литературен македонски јазик, па дури подоцна да се објави. Само во печатените медиуми вестите и информациите поминуваат низ неколку раце, при што треба да ги прочитаат повеќемина додека се испечати. Токму во овие традиционални медиуми медиумската писменост има највисок приоритет. Да бидеме медиумски писмени значи да умееме критички да ги читаме информациите, да проценуваме како се создадени и со која цел. Постојат многу дефиниции за медиумската писменост. За да можеме да се наречеме медиумски писмени – и индивидуално и општествено, токму традиционалните медиуми ги едуцираат своите читатели за: пристапот – за да знаеме како да дојдеме до информациите што ни се потребни, за анализата и процената – за да знаеме како критички да восприемиме одредена информација, за продукцијата – за да умееме да креираме медиумска содржина во најразлични форми, за примената – за да знаеме како да дејствуваме во најшироко медиумско опкружување, да бидеме етични и безбедни при комуницирањето, и најпосле за проактивноста – (како највисокото ниво на медиумската писменост): граѓаните да иницираат промени во општеството користејќи ги предностите на медиумите.

Дневнополитичките игри што се играат во (не)решавањето на хаосот во медиумите доведоа во изминатиот период во Македонија да згаснат десетици медиуми и особено весници, како дневни така неделни и периодични.
Со скусувањето на субвенциите на многу весници и медиуми може истото, за голема жал, да им се случи. Иако кај нас постојано се промовира филозофијата дека државата не е таа што треба да ги регулира состојбите во медиумите и дека на тоа се спротивставувале од Европа, тоа не е така, затоа што токму во голем број земји во ЕУ државите издвојуваат значајни средства за опстанок на медиумите, особено печатените.
И сосема за крај, иако не и најмалку важно. Надлежните власти и државни институции, кои се финансираат од народни пари, треба добро да знаат дека нема слобода на медиумите и печатот доколку тие ја пласираат вистината во јавноста само преку своите портпароли и пиар-служби. Таквите (дез)информации не му користат никому. Најмалку ним, бидејќи тоа е еднонасочно информирање.