Под покровителство на министерствата за култура на Mакедонија, Србија и на Албанија, а во рамките на културната програма на иницијативата Отворен Балкан, на 13 јули, во 20 часот, во Културниот центар на Србија во Париз ќе биде отворена изложбата „Супстрати“. На изложбата пред меѓународната јавност ќе бидат претставени новите проекти на уметниците: Кристина Пулејкова (Македонија), Нина Жељковиќ (Србија) и Дриант Зенели (Албанија).
Куратор на изложбата е Клаудија Пецолд, основачка на порталот за издигнување на свеста за преобразба на природното и културно наследство „Кјурејтинг еволушн“ (Curating Evolution), која фокусирајќи се на современата уметност ги нагласува фундаменталните врски помеѓу трите земји во рамките на Отворен Балкан.
Реализацијата на културната програма на Отворен Балкан овозможува балканските земји преку својата уметничка сцена, во современ концепт да ја претстават балканската култура и наедно преку интеркултурен дијалог и интердисциплинарен пристап да ги промовираат специфичните културни и уметнички карактеристики на Балканот.
Изложбата „Супстрати“ ќе биде отворена за јавноста до 12 август.