Реномираниот хрватски портал „Трис“ деновиве го објави расказот „Сонот на Ангеле Богев“ на македонскиот писател Томислав Османли. Станува збор за еден од расказите што авторот жанровски ги одредува како каприча и кои ги објави во истоимената книга во издание на „Магор“ од Скопје, а овој конкретен расказ во нејзината српска објава насловена „Збир-ка-прича“, издание на новосадски „Прометеј“. Расказот има вербовизуелна градба, па вклучува и илустрации избрани од самиот автор. „Сонот на Ангеле Богев“ за оваа објава на хрватски го преведе уредничката на порталот, истакнатата хрватска новинарка и авторка Даворка Блажевиќ, инаку авторка од редовите на реномираниот сплитски весник „Слободна Далмација“.
Објавата на расказот „Сонот на Ангеле Богев“ е проследена со воведен текст, како и со авторска биографија на македонскиот писател. Хрватскиот портал е дел од Здружението за промоција на цивилното општество, медиумска култура и размена на информации, со седиште во Шибеник.
Порталот „Трис“ по вторпат објавува проза на македонскиот автор. Неодамна го објави неговиот расказ „Мајка“, кој беше публикуван на повеќе јазици, во голем број медиуми во поширокиот регион, од Хрватска до Грција.
Инаку, двете прози објавени на порталoт „Трис“ се резултат на активноста на асоцијацијата Хрватско-македонска тангента, која е општествен, дипломатски, деловен и културен мост на соработка што се реализира со креативно поврзување субјекти од двете држави.