Српското електронско списание „Екерман“ во својот најнов 44. број ја објави театарската пиеса „Апокалиптична комедија“ на Томислав Османли. Пиесата неодамна беше објавена од угледниот издавач „Прометеј“ од Нови Сад исто така во Србија и е дел од книгата со три драмски текста на Османли, насловена „Пат во рајот“.
Оваа антивоена театарска пиеса на македонскиот прозаист и драмски автор е напишана пред четврт век, во времето на жестоките југословенски војни чии сенки опасно се надвиваа и над нашава земја. Во неа како лик се појавува Христос во своето „второ пришастие“, но како бог со изгубена моќ, неспособен среде омразата и жестокоста на бескрајните воени судири да ја оствари библиски пророкуваната апокалипса. Денес, во екот на новата епоха на жестоки конфликти, „Апокалиптична комедија“ работена како фантасмагорична гротеска, со голем број ликови и драмски и визуелни елементи на очудување, доживува нова актуелност, интересирања, следствено и драмски објави.
„Апокалиптична комедија“ на Томислав Османли за првпат беше публикувана во 2000 година во угледното списание „Књижевна ревија“, издание на „Матица хрватска“ од Осиек, во превод на истакнатиот македонист Златко Крамариќ, во тоа време член на уредништвото на реномираното литературно списание, а во 2004 и во Грција во превод од македонски на Костас Катсанос, во посебна книга на солунското книгоиздателство „Јуниверзити студио прес“. Кај нас пиесата двојазично, на македонски и на англиски јазик, ја објави скопска „Култура“ во 2005 година.
Интернет-списанието „Екерман“ почнува да функционира во 2006 година како портал за објавување литературни интервјуа, при што името го носи во чест на Јохан Петер Екерман, авторот на првото книжевно интервју во историјата на литературата, остварено со големиот филозоф и писател Јохан В. Гете, чиј пријател и личен секретар, инаку бил Екерман. Списанието се појавува шест пати во годината. Главен уредник на овој реномиран литературен портал е српскиот писател Енес Халиловиќ, истакнат поет и романописец.