Рецензија

  • Кон стихозбирката „Болна земја“ од Братислав Ташковски, „Матица македонска“, Скопје, 2016

Венко Андоновски

Ја избркаа вистината, се срамат од љубовта
И бегаат од татковината (ги боли потеклото).

Во еден предговор посветен на поезијата на Братислав Ташковски, запишав дека тој е веќе канонски поет на македонската поезија. Напишав, исто така, дека Ташковски повеќе инклинира кон метонимискиот одошто кон метафоричниот генеративен пол на поетската структура. Тоа не значи дека кај Ташковски нема да најдете метафори или дури и песни со силен метафоричен семантички нуклеус, ама укажува на еден хроничен апетит на Ташковски по однос на стварноста, нешто што за традиционалното сфаќање на поезијата не е типично. Метонимиската песна, за разлика од метафоричната, е „проѕирна“: низ неа „се гледа“ стварноста, па поезијата станува и дијагноза, а често и жестока пресметка со таа стварност и болестите на стварноста.
Во таа смисла, Ташковски му припаѓа на она светско семејство големи метонимиски поети, какви што се, да речеме, Езра Пауд, Готфрид Бен, Бертолд Брехт, Ханс Магнус Енценсбергер и Ален Гинзберг, а кај нас – Гане Тодоровски. Ако метафората е вулкан што излева лава од значења, метонимијата е земјотрес што ги открива пукнатините и слабите точки на светската зграда: таа е сурово заинтересирана за стварноста, понекогаш и на еден речиси натуралистичко-веристички начин, како во циклусот „Мртовечница“ на Готфрид Бен, во некои песни на Езра Паунд „без лирски момент“, но и во социјално ангажираните песни на Енценсбергер („Пена“, на пример). Но јас секогаш сум нагласувал: Ташковски, дури и кога пее метонимиски-полемично, ангажирано и со јасна порака, сепак не го прави тоа без претходно да постави, на штафелајот на песната – метафора.

Тоа важело за сите досегашни книги поезија на Ташковски, а важи и сега, во книгата што ја држите в раце. Но сега, во „Болна земја“, ми се чини дека метафората наместа е заменета со нешто многу поважно: со тон на чувствата, или со – емотивна состојба за која не постои соодветна метафора. Тој емотивен корелат за метафората, зад кој веќе нема ништо, тој емотивен супстрат во кој се престорува секој збор на поетската структура како во чиста есенција, во суштина на поезијата е – болката. Кој ја постигнал болката со зборови (поточно ги претворил зборовите во болка во менувачницата на човековата душа), тој ја открил суштината на поезијата: поезијата е болка, таа е меланхолија, таа е или болно сеќавање или болно чувствување на нашето „сега“. Сите тие нешта ги наоѓаме уште во првата, антологиска песна на „Болна земја“, под наслов „Секое сеќавање е болка“:

Не треба да бидеш мајстор
За да изградиш Кула од болка.
Секој ден во животот
Си ставал во неа по една тула
И си станал тажен човек
А верен стихоградител.
(…)
Кога смртта ќе ја подотвори вратата бегање нема,
Животот станува навика
А секое сеќавање болка.

И еве, низ овие стихови, денес ја добиваме македонската „Пуста земја“. Се разбира, директни паралели со Елиот не само што не се возможни туку не си ни умесни. Нашата, македонска „Пуста земја“ е пострашна од онаа на Елиот – нашата е болна земја. Погледнете ги стиховите што ги избрав за мото на овој текст: тие се реквием над светото тројство на хуманитетот, над човекот, затоа што овој свет ги избрка вистината, љубовта и татковината. Ги избриша тие зборови од речниците, од устите на луѓето и од перата на поетите, а ги избриша и од душата сеќавањата на тие три возвишени нешта за кои нашите славни претходници, великани на лепословието, нè учеа дека вреди да се живее.

Денешниот свет не ги познава тие вредности, тој си има други „приоритети“, и на неговата ранг-листа на вредностите на прво место се токму спротивните нешта: лагата (како механизам за опстанок во вака поставениот свет), омразата (како најефикасно средство за успех) и апатридноста заснована на материјалистички принцип (ubi bene, ibi patria денес гласи – „каде повеќе ме плаќаат, таму ми е татковината“). Татковината денес станува место со најдобар ви-фи и најбрз интернет.

Болката, за која говорев како суштина на големата поезија, се разбира, има илјада лица: таа може да биде индигнација, депресија, меланхолија, согорување, тлеење на жарта, студенило на перцепцијата. Во секој случај, болката е секогаш само едно, на едно архиниво: тага над изгубениот тоталитет на светот, тага врз некомплетноста на светот. Светот е нешто со сериозен фелер, со сериозна пукнатина, тоа не е совршено место. Дел од тој свет е и Македонија, онаа што Ташковски ја именува како „моја убава земјо“. Таа е болна земја, во смисла – разболена (штом го осквернавила светото тројство вистина-љубов-татковина). Но таа е и болна земја во една друга смисла – не само разболена туку таа е и земја што создава болка и боли, како што болка создава и боли болно место на телото од човека.

Сепак, „Болна земја“ на Ташковски е голема и сјајна книга поезија затоа што болката е претворена во речиси еротски копнеж по татковината, небаре станува збор за жена. Тоа, впрочем, е искуство од најубавите антологиски страници на љубовната поезија не само кај претходниците на Ташковски (П.М. Андреевски и неговата Дениција, како второ име за татковина), туку и кај самиот Ташковски – кој го следи неговиот поетски растеж, се сеќава на антологиската стихозбирка „Демоника“. Демоника е неговата Дениција. Овде, се чувствува желба на љубената жена татковина да ѝ се врати достоинството, гордоста: тоа е светлата мелодиска линија на овој инаку реквием за уметноста и хуманиот свет:

Земјо, ги спакував солзите во една искра
За да направам величествена слика од тагата.
Скокав по облаците како луд ангел
Кој не знае каде да падне.
Сè уште сум далеку од Божјите раце
И додека одам гледам колку си убава.
(…)
И песната ти ја сечат на половина, но ти
Убава моја не го даваш срцето
И никогаш не си гледала со очите на злото.
(…)
Нашиот живот барајќи добрина поминува
(Сите метафори се напишани) твојот е вечен.
Ние исчезнуваме во твоите гради ти остануваш
Моја убава земјо.
Не плаши се гледај гордо нагоре:
Небото никогаш за тебе нема да стане пекол.

Овде се наоѓа потврда за мојата теза дека „Болна земја“ се потпира на својот невидлив, резервен збор – очајот, разочарувањето, пониженоста, кои наместа поминуваат во гнев и желба за отпор, а наместа во молитва за смиреност и барање лична поетска утеха. Она „Сите метафори се напишани“ говори дека над болната земја веќе нема потреба од метафори – над неа може само да се тагува и меланхолично да се очекува „небесна правда“, зашто земната – сами ја уништивме, како што луд човек си ја корне сам себеси косата од главата.

Она што е неоспорно, а со „Болна земја“ дефинитивно се докажува, е дека Братислав Ташковски е веќе неодминлива, крупна и универзална константа на македонскиот поетски пантеон, негов столб. Неодамна создаде и уште едно ремек-дело, поемата „Темна кутија“, која ја освои наградата „Григор Прличев“ за поема. Со тоа се потврди хемиското соединение на епското со лирското кај овој маркантен поет. Со децении трае тоа поетско ѕидање на една импресивна кула (од болка, како што вели поетот), на една светски препознаена, гносеолошки силна, а естетски неприкосновена поезија, поезија достојна да застане рамо до рамо со европските великани на дваесеттиот и дваесет и првиот век. Тоа што е пишувана на мал (според досегот) јазик, воопшто не ја намалува нејзината големина. И да, не треба на „Болна земја“ да се гледа како на локална појава сврзана за Македонија. Таа поезија понекогаш ни нуди најуниверзални пораки, кои важат за поетите на сите меридијани и за луѓето на сите географски широчини и должини. Такви се неговите лирски медалјони, кои често имаат говорна диспозиција на молитва:

Молитва

Боже
Ти што ми ја земаш силата
Пополека
Дај ми уште малку
Да верувам во луѓето
Да не бидам самофалец и среброљубец
Пред да излезам
Од овој оклоп на животот

Во таа смисла, „Болна земја“ е вистински дијамант во нашата поетска ризница. Кој гледа, ќе види, кој слуша, ќе слушне. Другото е болна земја.