Музеите во Франција побараа од Министерството за култура да дозволи нивно повторно отворање, бидејќи тие не примаат публика од крајот на октомври 2020 година поради строгите епидемиолошки мерки против коронавирусот. Речиси сто директори на музеи и куратори во отвореното писмо до министерката за култура, Роселин Башло, истакнаа дека безбедносните протоколи за пандемијата на коронавирусот се воспоставени минатата година и дека во меѓувреме во музеите имало мал ризик од инфекција.
Писмото е реакција на неодамнешната изјава на францускиот претседател Емануел Макрон дека музеите ќе останат затворени до ново известување, иако тој одлучи официјално да не прогласи трето национално затворање.

– Откако ги слушнавме последните соопштенија од Владата, сакаме да се слушне нашиот глас. Бараме да ги отвориме вратите барем делумно, по еден час, еден ден, една недела или месец – рекоа претставниците на музејот, барајќи да им биде дозволено да ја исполнат својата социјална улога што е можно поскоро.
Меѓу првите потписници на писмото се директорите на Музејот на современата уметност во Лион, Палатата на Токио во Париз, центарот „Помпиду“ во Мец. Откако Палатата на Токио го објави писмото на глобалната страница за петиции, барањата на музејот наскоро беа поддржани од дополнителни над 2.300 потписници.
Отворањето на музеите во Франција веќе беше одложено неколкупати. Прво беше најавено за средината на декември, потоа за 7 јануари, а потоа за крајот на јануари. Според медиумите, француското министерство за култура не ги коментирало барањата на претставниците на музејот.

– Во време кога многу културни институции се сметаат за креативни простори што можат да го подобрат животот преку уметноста и уметничката медијација, ние сакаме повторно да можеме да се грижиме за нашите посетители, бидејќи ни се чини од суштинско значење културните простори уште еднаш да го понудат ова искуство неопходно за менталното здравје за време на криза – се наведува во писмото, кое завршува со заклучок дека уметноста ја лекува човечката душа.