Милош Латиновиќ, српски писател и директор на БИТЕФ

Вашиот книжевен опус е импозантен. Романи, раскази, драми, есеи. Која е најшироката територија на вашата книжевна инспирација?
– Во ординарна смисла мојата книжевна инспирација се потпира врз животот на жителите од еден потесен простор од Европа, а тоа е Банат што денес е поделен меѓу Романија и Србија (нешто малку и Унгарија), кој секогаш претставувал простор на можен соживот на различни национални групи, но и толеранции на оние што имаат поинакви религиски, идеолошки и политички определувања. Во Банат луѓето живееле онака како што е, верувам, замислено да егзистираат во Европската Унија, со тоа што ова било унија на луѓе, народи што во сето тоа поединечно го внесувале сето свое, почитувајќи и вреднувајќи, користејќи го туѓото како наследена или стекната татковина. Во книжевна смисла, од другата страна, тој простор воопшто не е тесен и е инспирација за проза на автори, кои со своето дело и со своето однесување ги бришеле границите создавајќи магични светови. Како Маркес, Фуентес, Ками, Чехов…

Имате комплексен книжевен израз што е многу интересен. Колку е важен авторовиот стил за препознавање на неговото дело од читателите?
– Со време изградив препознатлив стил на книжевен израз што бара посветен читател. Отсекогаш сум верувал дека уметноста мора да го придвижи човекот да размислува за себе, да поставува прашања и да воспоставува дијалог. Верувам дека тоа го има пред сѐ во моите романи, затоа што во нив тој стил се очитува најточно, затоа што романот стана распукан, фрагментарен, еклектички жанр што овозможува доволно простор да изненади, да замисли, но и да го измами човека со својата убавина.

Каде ја гледате српската книжевност на мапата на европската литература?
– Српската литература пропушти одлична можност да се етаблира како значајна европска книжевност, затоа што поради ситни интереси таа не изгради куќа врз темелите што со своите дела ги поставија Андриќ, Црњански, Пекиќ, Булатовиќ, Киш… Главно, по нив, ние се занимававме со самите себе, се задоволуваме со ситни триумфи во обраснатите и неуредни книжевни авлии, па ја занемаривме важноста на излегувањето од нив и презентирањето на она што го поседуваме пред светот. Во тоа учествуваме сите – книжевниците желни за награди, критичарите изгубени во синекурите, издавачите заинтересирани единствено за профит. И тоа нема оправдување, затоа што сето тоа е наше масло. На сите нас. Денес Србија има, со посредство на Министерството за култура, одлична програма за поддршка на преводи на дела од српски автори, но верувам дека треба на одреден начин, пред сѐ препуштајќи им го ним изборот на делата и процената на нивниот дострел во дадената средина, да се мотивираат квалитетни издавачи за да бидат поангажирани на медиумската и секоја друга презентација од преведената книга.

На македонски јазик го имаме еден од вашите најубави романи, „Клиентот на Шекспир“, во издание на „Словољубве“, каде што не излегувате од уште еден ваш благороден ангажман, театарот. Колку е мотивирана книжевноста од театарот како синтетичка уметност?
– Убеден сум дека да се пишува за театар е најпредизвикувачкиот облик на книжевност. Драмата е жанр што бара многу затоа што во себе сублимира неколку нивоа на книжевно/уметничкиот израз, но и заради нужната кохерентност и јасност. Од друга страна, книжевниот дострел на драмското дело се очитува и низ другите делови од уметничкото милје. Вештината на актерите, изведувачите на книжевното дело, му дава возвишеност дури и кога тоа не е ремек-дело. Во спротивна насока, јасно е дека театарските приказни што не се сценични ги инспирираат книжевниците и има причина тие да бидат искажани, како на пример, приказната важна, а непозната, за Јоцо Савиќ, голем режисер од крајот на 19 век и основач на Шекспировата сцена во националниот театар во Минхен.

Директор сте на еден од најголемите меѓународни театарски фестивали, БИТЕФ. По кои уметнички патишта оди денешниот фестивал?
– БИТЕФ самиот си го одржа нивото и по заминувањето на неговите основачи, Мира Траиловиќ и Јован Ќирилов, затоа што екипата на луѓе што го наследи овој исклучителен проект не се истакнуваше себеси во прв план, знаејќи дека Мира и Јован се незаменливи, туку дека тоа отсуство може да се надомести само со вредност, истрајност, добрина и скромност. Денес БИТЕФ можеби не е интригантен како што бил затоа што успеал да ги пополни дупките во ѕидот изграден меѓу Истокот и Западот, но определувајќи се за интересен, актуелен концепт, денешните изданија на фестивалот донесуваат нов квалитет во тој јавен дијалог што е примарен кога е во прашање БИТЕФ. Да се одреди тема, интересна на сите, јавно значајна, горлива, и да се започне дијалог, тоа е денешната определба на БИТЕФ и тоа е долг кон традицијата, само што некогаш тоа повеќе беше уметнички разговор, а денес тој има филозофски, општествен, па и политички дискурс.

Наспроти невидливото зло што нѐ снајде, БИТЕФ успеа да опстои без одложувања. Кои беа уметничките одредници во креирањето на годинашниот богат репертоар?
– Накратко, уметникот и неговото еколошко кредо. Тоа е приказна на времето во кое живееме. До кога ќе ја убиваме планетата, па со тоа и себеси, дали е можно да се понуди уметнички релевантен одговор на пораките што ни ги испраќа природата пред таа конечно да се пресмета со човечкиот вид. Во тој контекст го креиравме фестивалот и тој ќе биде она што ние на шега го викаме „црвено-зелен“. Затоа што, покрај претставите што имаат еколошка нота, доминираат оние што гледаат критички на дехуманизирачкиот диктат на денешното време.

Каде го гледате местото на српскиот театар на европската и на светската театарска мапа?
– Мислам дека малку им го презентираме на светската и на европската јавност она што се создава на сцените во Србија. Во минатата сезона имаше седум-осум претстави што во идејниот и изведувачкиот став го имаат тој приклучок кон европскиот театар. Наведувам само некои, како што е „Како крајот да не е сосема блиску“ на театарот БИТЕФ или „Поетиката на гледањето“ на театарот „Деже Костолањи“ од Суботица. Но ги има уште, и битефската поетика во репертоарите на српските театри очигледно во вредносна смисла во оваа сезона беше доминантна. А зошто тоа не е верификувано во Европа, тоа е комплексно прашање, затоа што зависи од многу фактори, а во многу наврати и од пари. На БИТЕФ му даваат поддршка многу странски амбасади и културни центри, па сигурно е едноставно да се доведе на кој било фестивал, па така и во Белград, но и во Берлин и во Скопје претстава од театар или трупа на која ѝ помага и државата. Верувам дека тоа во иднина ќе биде подобро и повидливо.

Театарот БИТЕФ е сосема поинаков начин на промислување на театарот. Кои се идните репертоарски планови?
– Постојат три правци, и сите три се засновани на продолжението на репертоарските интенции на фестивалот. Прво, тоа е истражувачката линија со која во последните години доминираме во земјата и во регионот затоа што имаме луѓе, но и финансии и можности за да му се препуштиме на таквиот процес. Втор е драмскиот опус, но во битефскиот клуч, или може поточно да се каже авторски, затоа што претставите режисерски ги потпишуваат: Андраш Урбан, Ања Суша, Јована Томиќ, Бојан Ѓорѓев, Маја Пелевиќ и други. И третиот правец е континуираното дејствување на денс-компанијата БИТЕФ. Ако на ова се додаде соработката со независната сцена, тоа е навистина разновидна, а сепак специфична репертоарска политика за која долго се боревме. Затоа што профилот на театарот го одредува неговата репертоарска политика.

Сашо Огненовски, специјално за „Нова Македонија“ од Белград