Уште сега почнуваат подготовките за големата изложба на Лусијан Фројд во Британија што ќе се отвори на 1 октомври 2022 година и ќе трае до 22 јануари 2023 година, во организација на „Кредит свис“. Изложбата носи наслов „Нови перспективи“ и е прва голема изложба на делата на Фројд, која по 10 години собира негови дела од повеќе од седум децении.
Изложбата ги претставува делата на еден од најголемите уметници на минатиот век, Лусијан Фројд (1922–2011), и го опфаќа целокупниот животен опус на сликарот, покажувајќи како се менуваат неговите дела во текот на 70-годишната кариера. Ќе бидат презентирани низа слики, од неговите рани и интимни дела, до добро познатите платна со големи димензии и неговите монументални актови.
– Преку повеќе од 60 слики ќе го видите развојот на уметникот: сликите на моќни јавни личности се проследени со приватни студии на пријатели и семејство; познатиот домашен амбиент му го отстапува местото на уметничкото студио со боја – место што станува сцена и тема сама за себе во исто време – најавуваат од Националната галерија во Лондон.
Ставајќи ги во фокус новите перспективи на неговите животни дела, оваа изложба гледа надвор од славата на Фројд, за да се фокусира на бескомпромисната посветеност на уметникот на сликарството во 20 век.
Сите слики на Лусијан Фројд, главно портрети и автопортрети, настанале полека и по повеќе години. На недовршената, последна слика, работел четири години и којзнае кога би ја завршил ако смртта не била побрза.

Куриозитет за сликарот е дека колку што е познато, имал 14 деца, иако се зборува за многу поголем број потомци. Се шпекулира дека со голем број жени и љубовници на свет донел дури 40 синови и ќерки. Сите еднакво ги игнорирал за време на животот, исто како и во тестаментот. Богатството од 96 милиони фунти, што се смета за најголема оставина на еден британски сликар, им го распоредил на својот долгогодишен асистент Дејвид Довсон, кој го сликал и во своето последно недовршено дело, адвокатката Дајана Ровстрон и на една од своите ќерки, Роуз Пиарс. Еден од неговите синови, исто така уметник, Пол Мек Адам Фројд, најмладиот од четирите деца што Фројд ги имал со модната креаторка Кетрин Маргарет Мек Адам, го оспори тестаментот, но на суд го изгуби спорот.
– Татко ми навистина не беше татковски материјал. Беше таен и чуден лик. Всушност застрашувачки е да знаеш дека некој може да биде во толкава мера отворено себичен. За повеќето членови на нашето семејство неговите ставови останаа несфатливи и недопустливи – изјави Пол Фројд, кој славниот татко првпат го видел кога имал 24 години.

И тој самиот има четири деца од кои некои не ги гледа, па на некои „проклетството на Фројдови“ се провлекува повеќе од сто години. На почетокот имено беше Сигмунд Фројд, славниот втемелувач на психоанализата, дедо на славниот сликар. Стариот Фројд своевремено рекол: „Големото прашање на кое не бев способен да дадам одговор и покрај повеќедецениското истражување на женската психа е што всушност сакаат жените“. Судејќи според искуството на неговиот внук, жените го сакале Лусијан Фројд. Денес, десетина години по неговата смрт, го сакаат сите, особено богатите колекционери. Едно негово платно во аукциската куќа „Сотби“ во Лондон се продаде за 22,5 милиони фунти, а веројатно најголемата колекција на негови слики ја има Роман Абрамович.